Најголемиот систем на јавни училишта во САД, оној во градот Њујорк, од оваа училишна година воведува ценосна забрана за користење на генеричката вештачка интелигенција (AI), вклучително и на популарните алатки како ChatGPT. Оваа радикална одлука засега над половина милион ученици од предучилишна возраст па сè до осмо одделение, како и нивните наставници, а стапува на сила веќе од следната недела, пренесува „ABC News“.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, потврди дека градот воведува привремена едногодишна забрана со цел детално да се проучи влијанието и последиците што оваа технологија ги остава врз развојот и образованието на децата. Според податоците објавени од „Chalkbeat“, оваа мерка директно опфаќа речиси 600.000 ученици, односно две третини од сите ученици во њујоршките јавни училишта.
Покрај забраната за чатботови и AI алатки, новите правила носи уште подиректни ограничувања за користење на технологијата. На училиштата им се забранува да им даваат таблети и лаптопи за самостојна употреба на најмалите ученици (од предучилишна возраст до второ одделение), иако паметните табли во училниците остануваат дозволени. За учениците од трето до петто одделение се препорачува ограничување од најмногу 30 минути дневно пред екраните, додека за средношколците тој лимит ќе изнесува 45 минути.
Исклучоци од овие строги правила се предвидени единствено за редовните компјутерски тестирања по математика и читање, како и за децата со посебни потреби и оние кои го учат англискиот јазик како втор јазик.
За средношколците нема да важи тотална забрана за вештачката интелигенција, но нејзината употреба ќе биде строго контролирана и ограничена само во рамките на одредени стручни програми, проекти и обуки за описменување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата