logo
logo
logo

ИНТУИЦИЈАТА ЗНАЕ ПРЕД РАЗУМОТ Што вели науката за внатрешниот глас

Vecer | 05.01.2026

ИНТУИЦИЈАТА ЗНАЕ ПРЕД РАЗУМОТ Што вели науката за внатрешниот глас

Доколку имате чувство дека треба да направите нешто затоа што ви изгледа исправно и добро за вас, послушајте го тој тивок внатрешен глас. Но, ако при самата помисла на некоја одлука се јавуваат страв, непријатност или стегање во стомакот, можеби токму тоа е знак дека од таа намера треба да се откажете. Што е интуиција?

Страв, акумулиран стрес или интуиција: помеѓу колективната анксиозност и нападот од информации

Во времето во кое живееме, исполнето со неизвесност, грижи и постојани лоши вести, речиси е невозможно да немаме одредени претчувства или црни мисли – без разлика дали се однесуваат на нас самите, на нашите блиски или на светот во целина. Границата помеѓу интуицијата и стравот тогаш станува многу тенка. Дали навистина ни се „јавува“ нешто важно или станува збор за последица на хроничниот стрес на кој сме изложени?

Современата психологија сè почесто зборува за феноменот на колективна анксиозност. Интензивните соништа, сликите на катастрофи и чувството дека ќе се случи нешто лошо често се несвесна реакција на мозокот на долготрајната изложеност на закани и неизвесност. Мозокот тогаш се обидува да обработи огромна количина информации што ги примаме преку вести, разговори, филмови и социјални мрежи и ги проектира во соништа и силни внатрешни доживувања.

Што вели науката: дали интуицијата е мит или факт?

Интересно е што невролошките истражувања покажуваат дека интуицијата не е мистична појава, туку брз, автоматски процес на обработка на информации. Делови од мозокот како амигдалата и инсулата реагираат на сигнали од околината и од телото уште пред свесниот ум да стигне рационално да ги анализира. Со други зборови, интуицијата често е „брза проценка“ заснована на претходни искуства, дури и кога не сме свесни за нив.

Затоа се случува луѓето да имаат силно чувство во врска со некоја личност или ситуација уште при првата средба. Тој прв впечаток понекогаш подоцна се покажува како точен, бидејќи мозокот во дел од секунда поврзал микро-сигнали: тон на гласот, говор на телото, изрази на лицето или сличности со претходни искуства.

Каде е клучот?

Соништата и „визите“ често функционираат по сличен принцип. Она што попатно сме го виделе или чуле може да се персонализира и да добие емоционална тежина. Умот тогаш создава силни слики што ни изгледаат како предупредување или претчувство, иако всушност се комбинација од надворешни информации и внатрешни стравови.

Клучно е да научиме да ја разликуваме интуицијата од паниката. Интуицијата обично е тивка, јасна и недраматична. Таа не создава хаос во мислите, туку чувство „знам, но не знам зошто“. Стравот, од друга страна, доаѓа бучно – преку катастрофични сценарија, опсесивни мисли и телесна напнатост.

Добар начин да ја направите разликата е да обрнете внимание на првото, најкраткото доживување што се јавува. Тој иницијален импулс често е најблизок до интуицијата. Сè што доаѓа потоа – разработени „филмови“ во главата, најлоши можни исходи и постојано преиспитување – најчесто е производ на имагинацијата и анксиозноста.

Зошто е важно да водите „Дневник на интуицијата“?

Запишувањето на ваквите чувства и подоцнежните исходи може со текот на времето да ви помогне да препознаете кога интуицијата навистина ве насочила правилно. Науката потврдува дека луѓето кои развиваат способност да го слушаат своето тело и внатрешните сигнали донесуваат помирни и често подобри одлуки.

Затоа, верувајте си – но со мера. Ако нешто ве смирува и ви изгледа исправно, тоа често е добар пат. Ако ве парализира страв, застанете. Понекогаш токму откажувањето е најинтелигентната одлука што можеме да ја донесеме.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk