Него го нарекуваат „старец од шумата“, бидејќи орангутанот живее во тропските џунгли на само две места во светот – островите Суматра и Борнео. Двата вида орангутани што живеат таму сè почесто се жртви на индустријата за палмино масло и со децении се соочуваат со изумирање поради сечењето на шумите. Меѓународниот ден на орангутаните, кој во светот се одбележува секој 19 август, е воспоставен за да се подигне свеста за тоа колку овој вид е загрозен и да се преземат напори за спречување на нивното изумирање.
Овие примати имаат огромен распон на рацете: должината на нивните предни екстремитети одговара на начинот на живот што го водат, бидејќи се движат од дрво на дрво, во чии крошни прават засолништа од големи листови. На дрвјата минуваат дури 90 проценти од времето, па сечењето на шумите е погубно за нив. Орангутаните се првенствено растителнојади, но јадат и кора од дрвја, инсекти, па дури и ситни животни. По луѓето, орангутаните се меѓу најинтелигентните суштества на планетата Земја (делат 97 проценти од ДНК со луѓето) и се самосвесни животни кои длабоко чувствуваат загуба и тага. Таа заедничка ДНК се покажува на изненадувачки начини, од решавање проблеми и употреба на алатки, до општествени врски, па дури и смисла за хумор. И покрај тоа, орангутаните се едни од најзагрозените животни во светот, а покрај сечењето на шумите, губењето на живеалиштата и криволовот, и судирите меѓу луѓето и орангутаните ги доведуваат овие животни до работ на изумирање, пишува Earth.
Постојат три видови орангутани: суматрански орангутан (Pongo abelii), борнеански орангутан (Pongo pygmaeus) и тапанули орангутан (Pongo tapanuliensis), и сите се класифицирани како критично загрозени. Тапанули орангутанот е идентификуван како посебен вид дури во 2017 година и брои само 700 единки.
Орангутаните се соочуваат со следниве главни закани за своето опстанување: уништување на живеалиштата, криволов и илегална трговија, како и судири со луѓето. Зад сите три закани се крие биолошка реалност што ги прави орангутаните особено ранливи. Тие се меѓу цицачите кои најбавно се размножуваат на Земјата. Женката на суматранскиот орангутан во просек раѓа бебе само еднаш на девет години, што е најдолг интервал меѓу раѓања кај кој било копнен цицач. Тоа значи дека секоја женка што се размножува има огромно значење за иднината на видот: ако исчезнат премногу орангутани, популацијата нема да заздрави.
Спасувањето на вака ранлив вид бара повеќе од заштита на поединечни животни. Потребно е спасување на цели екосистеми способни да одржат одржливи популации, преку координиран, долгорочен пристап во сè од што зависат орангутаните: заштитени прашуми, спасување, рехабилитација и заедници со кои го делат просторот. Моделот за спасување на видот што го применува Проектот за орангутани е изграден на четири меѓусебно поврзани столбови, а тоа се: заштита на прашумите, обнова и патролирање во дождовните шуми, спасување, рехабилитација и пуштање на орангутаните, како и зајакнување и едукација на заедницата.
Ниту еден од столбовите не функционира изолирано: на спасените орангутани им е потребна заштитена шума во која ќе бидат пуштени, на заштитените шуми им се потребни ренџери, на ренџерите им се потребни заедници кои се вложени во мисијата, а спасувањето на орангутаните значи заштита на целиот систем што го одржува. Орангутаните не живеат во изолација: нивните прашуми обезбедуваат засолниште за илјадници други видови и ги одржуваат заедниците кои користат чиста вода, храна и сите други ресурси за живот. Заштитата на орангутаните значи заштита на сите видови кои коегзистираат со нив.
Орангутаните ја делат планетата Земја со нас стотици илјади години, а она што ќе се случи во следните неколку години е поважно од било што пред тоа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата