logo
logo
logo

РОДЕНА ПРЕД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, А СÈ УШТЕ МУ СЕ РАДУВА НА ЖИВОТОТ: Најстарата жена во светот наполни 117 години

Vecer | 21.08.2026

РОДЕНА ПРЕД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, А СÈ УШТЕ МУ СЕ РАДУВА НА ЖИВОТОТ: Најстарата жена во светот наполни 117 години

Епел Катерхам, најстарата личност во светот, денеска го слави својот 117. роденден. Таа ќе го прослави со пријателите и семејството во домот за стари лица „Холмарк Лејквју“ во Сари, а зад неа е година која ја опишува како полна со нови искуства, пишува Скај њуз . Како најважен настан ја истакна средбата со кралот, кого го фатила за рака.

„Се радувам на она што го носи следната година“, додаде таа. Кралот Чарлс ја посети Катерхам минатиот септември, набрзо откако таа наполни 116 години. Титулата најстара личност во светот ја презеде во мај 2025 година, по смртта на 116-годишната бразилска калуѓерка.

Му раскажа на монархот како ја следела неговата инаугурација за принц од Велс во 1969 година, кога тој имал 21 година. „Сите девојки беа заљубени во вас и сакаа да се омажат за вас“, му рече таа. Чарлс е шестиот британски монарх откако Катерхам е родена во Хемпшир на 21 август 1909 година, пет години пред почетокот на Првата светска војна.

Живеела во Индија, Гибралтар, Хонгконг...

Таа е последниот жив поданик на кралот Едвард VII, кој почина во мај 1910 година. Од тогаш на престолот се изменија Џорџ V, Едвард VIII, Џорџ VI, Елизабета II и сега Чарлс III. Катерхам била второто најмладо од осумте деца.

Нејзиниот сопруг Норман, поранешен воен потполковник, го запознала на една вечера во 1931 година, а тој починал во 1976 година. Живееле во Солзбери пред да бидат стационирани на Гибралтар и во Хонгконг. Во Хонгконг Катерхам отворила детска градинка и одгледала две ќерки, кои починале пред неа.

Во помладите денови живеела и во Индија, каде што од 18 до 21 година работела како дадилка во семејство на еден офицер. На Катерхам ѝ недостигаат уште пет години за да го достигне рекордот за најстара личност во историјата. Тој рекорд го држи Французинката Жан Калман, која живееше 122 години и почина во 1997 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk