Сочно, богато чоколадно брауни во комбинација со лесен крем од сирење и јагоди е совршен десерт за потоплите денови. Додека класичното брауни носи интензивен вкус на чоколадо, розовиот крем од свежо крем-сирење и јагоди дава освежувачка овошна нота која ќе ги воодушеви сите љубители на благото. Целосниот впечаток го заокружуваат свежо исечканите јагоди кои на овој колач му даваат неодолива пролетна свежина.
Состојки
За подготовка на овој десерт ќе ви требаат околу 25 минути, заедно со 35 минути печење. Колачот потребно е и да се олади пред послужување, а од состојки ќе ви требаат:
• 200 грама темно чоколадо
• 180 грама путер
• 220 грама шеќер
• 3 јајца
• 1 лажичка екстракт од ванила
• 120 грама обично брашно
• 30 грама какао во прав
• 1 прстофат сол
Подготовка
- На тивок оган или на пареа стопете ги темното чоколадо и путерот. Мешајте додека смесата не стане мазна, а потоа оставете ја неколку минути малку да се олади.
- Во друг сад пенесто изматете ги јајцата и шеќерот. Додајте го екстрактот од ванила, а потоа истурете ја малку оладената смеса од стопено чоколадо и путер.
- Во посебен сад измешајте ги просеаното брашно, какаото и солта, па сувите состојки полека додајте ги во влажната смеса. Мешајте само додека состојките не се соединат.
- Смесата истурете ја во подготвен калап и порамнете ја. Печете во претходно загреана рерна 30 до 35 минути. Браунито е готово кога е печено по рабовите, но сè уште е малку меко во средината. Оставете го целосно да се олади во калапот пред да го додадете кремот.
Подготовка на кремот
• 250 г крем сирење
• 150 мл слатка павлака или шлаг
• 80 шеќер во прав
• 120 г свежи јагоди
• 1 лажичка сок од лимон
Дополнитлно 200 гр јагоди
Крем:
- Исчистете 120 грама јагоди и сомелете ги со блендер или со рачен миксер заедно со сокот од лимон за да добиете пире.
- Во еден сад измиксајте ги крем-сирењето и шеќерот во прав додека не добиете мазна смеса.
- Во друг сад изматете ја слатката павлака во цврст шлаг, па внимателно со лажица измешајте ја во смесата со сирење. На крајот додајте го пирето од јагоди и полека промешајте додека кремот не добие воедначена боја.
За крај: Оладеното брауни премачкајте го со подготвениот крем од сирење и јагоди. Одозгора распоредете ги преостанатите 200 грама свежи јагоди, исечкани по желба. Пред послужување, ставете го колачот во фрижидер најмалку 30 минути за кремот да се стегне и вкусовите да се спојат.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата