Постојат рецепти на кои им се враќаме секојпат кога ќе посакаме нешто слатко, домашно и брзо готово. Токму такви се овие мафини – меки, мирисливи и неверојатно сочни, дури и следниот ден. Не бараат посебни кулинарски вештини, скапи состојки, ниту многу време, а им успеваат речиси на сите.
Идеални се за појадок со кафе, за ужина, за на пат или за моментите кога ви се јаде нешто слатко „на брзина“. Уште една голема предност е што основниот рецепт можете да го менувате по желба – со чоколадо, овошје, ореви или лешници.
Состојки:
- 2 јајца
- 150 г шеќер
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 100 мл масло
- 200 мл јогурт
- 220 г брашно
- 1 кесичка прашок за печиво
- прстофат сол
По желба можете да додадете:
- парчиња чоколадо
- боровинки или јагоди
- сечкани ореви или лешници
Подготовка:
- Во поголем сад изматете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер додека смесата не стане посветла и благо пенеста. Не мора да користите миксер – обична маталка за матење е сосем доволна.
- Додајте ги маслото и јогуртот, па полека промешајте за да се соединат состојките.
- Во посебен сад измешајте ги брашното, прашокот за печиво и прстофатот сол, па сувите состојки постепено додавајте ги во течната смеса.
- Мешајте кратко, колку само да нема грутчиња. Токму тоа е еден од најважните трикови за меки мафини – ако смесата ја мешате премногу, ќе станат тврди по печењето.
- На крајот додајте го чоколадото, овошјето или јаткастите плодови по желба.
- Загрејте ја рерната на 180°C.
- Калапот за мафини обложете го со хартиени кошнички или благо подмачкајте го со масло. Истурете ја смесата така што кошничките ќе бидат исполнети до две третини.
- Печете околу 20 до 25 минути, додека мафините не добијат златна боја и додека чачкалката вметната во средината не излезе сува.
Мал трик поради кој остануваат сочни
Најголемата грешка кај мафините е предолго печење. Штом поцрвенат, извадете ги од рерна. Така ќе останат меки, воздушести и следниот ден.
Можете да ги поросите со шеќер во прав, да ги послужите со овошје или едноставно да ги јадете додека се уште топли – тогаш се најубави.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата