logo
logo
logo

Агим Јонуз

Македонистански попис на ѓутуре

Vecer | 01.02.2021

Македонистански попис на ѓутуре

Има ли неразочаран човек под небово наше кое до завчера беше нели античко па се пишмани. Ако фатиме со Бугарите да се натегаме, и нив ќе ги стаиме у мисла, демек, ако сме еден народ, испаѓа дека бугарите не биле татари него биле блиски братчеди со Ацета. Глеам ја нешто тоа комисиите се караат а не кажуваат зашто.

Штета за оние кои не го гледале филмот ‘‘ Андерграунд‘‘ од Емир Кустурица. Типот у филмот покажува два света кои функционираат,.. надземниот и подземниот.

Паралелно, а сето тоа ‘‘ у име народа‘‘. Слика на оние горе кои ја имаат моќта и свираат музика на која оние подземно играат и појма немаат ‘‘ колку е саат‘‘. Сликата таму е чиста и јасна, за разлика од нашата стварност, во која не се знае што е ‘‘ подземје‘‘, а што е надземје‘‘.

И така, доаѓаме до најадекватната слика и дефиниција за македонската стварност, а која би се нарекла ‘‘надподземје‘‘. Се е во игра! И кучичи и мачичи а најмногу има стаорци.

Ама не се приметуваат затоа што во масата насмејани и машносани ликови не знаеш кој е кој! Е!,.. баш тука е финтата. ‘‘Детските болести‘‘ на формирање нова држава, а со која и се мачкаа очи на популацијата, прејдоа во ‘‘конгенитални, хронични‘‘ живи рани‘‘ !

Сакатост. Инвалидност.

Македонската политичка стварност е ‘‘ни риба ни девојка‘‘. Во огромен дел импровизација базирана на актуелната пандемиска камасутра кој удри по цел свет. За неспособноста да се гради држава како нарачана дојде таа пуста да остане Корона како фластер на уста на секој оној кој сака да укаже на грешки, на криминал, корупција и останата апокалипса.

Едно од полињата на кое власта ‘‘докторира‘‘ ( не само актуелната) е умеењето да се дефокусира јавноста од реалните проблеми. Да му даде на народот наместо леб, мастика за џвакање, па нека џвака народ кој навикнал де. Каква овца, таква трева.

Битно е да не го чепкаш со прашања од типот ‘‘ а бе Ајван каде одиш со оваа политика‘‘!!! Одма ‘‘ ко из пушке‘‘ добиваш одговор дека друг е виновен, а тој лично е Св. Павле. Така дојдовме до ситуација в која стана ирелевантно што ние сме и ке бидеме на г‘зарот на белиот свет и по вакцина и на вујна му чорапите.

Одговорност!?!.... доследност!?...ма, онакво мое!

И? ЕУРЕКА! Нова тема за дефокусирање од говната у која се давиме а немаме чаре како да излеземе од неа. Попис! Како нарачано за еден период од пола година да може да се натегаме дали е политички, дали е статистички, мафијашки, партиски,... до мојега!

Не постои теорија во која некому е сеедно какви ќе бидат резултатите од пописот. На сите страни ‘‘им фуфка‘‘ како ќе испадне. Зошто, ако ние на крај испадне дека сме правеле ‘‘ рачун без крчмара‘‘ и за Рамковен и за Мамковен, за квоти, за моти, за многу нешта по етнички клуч ( не зборам само за албанците), ако сме правеле есап дека сме два миљона а испадне дека сме ‘‘черек‘‘, ќе има многу циркуси.

На една таква сериозна работа како што е пописот, опозицијата повикува на бојкот. Ок! Демократско право. Арно ама, Каква ли допрва агонија не чека ако не биде спроведен пописот на еден адекватен начин со сите нишани. Дали опозицијата е свесна каква штета и се нанесува на државата?

Не е финтата во тоа што пописот може да пропадне, туку финтата е во тоа што во догледна иднина повторно по многу нешта математиките ќе се прават ‘‘ на ѓутуре‘‘ што би рекол народот.

Моето лично мислење е дека ( ко што викаат бугарите) ‘‘ пењил, не пењил‘‘ пописот у сите комбинации ќе мора да биде ‘‘крстен‘‘.

Математиката праена на ѓутуре мора да има своја ‘‘ всичко намирено‘‘ завршница. Премногу ‘‘набафтана‘‘ се калкулираше во државата долго време. Најголемата заебанција ќе биде во делот на сите оние кои треба да се попишат а не се во државата. За нив ќе мора да дава податок најблискиот.

А, што ако дава лажни податоци!? Ќе одговара?... Жими ‘‘ Ашим‘‘!

Пописот ќе биде на крај како во тефтерот на сезонскиот конобар у Охрид. Битно е да се слагаат ‘‘ ќефоите‘‘ на сите страни. Гарантирам! Ем се слагаат ‘‘нулите‘‘ у тефтерот, ем конобарот заработил добар бакшиш, ем муштеријата задоволен.

А оние што чекаат маса за да седнат ( читај опозицијата) каква друга работа имаат освен да псујат ‘‘ тибам кафаната‘‘ не влегуем за инат.

Едноставно речено, пописот, поточно целава драмосерина мора да биде со својата математика апсолутно адаптирана на сите говна низ кои се мина.‘‘Ма, здравоо‘‘ што би рекол Ѓура од ‘‘ Топ листа надреалиста‘‘! Не може никој да ме разубеди.

Да резимираме. На Македонија не и требаат веќе ‘‘ ни Шиптари ни Каури‘‘ туку сега и овде здрава економија. Здрава правда, образование и здравство. Здраво секојдневие и здрава нација. Тоа, нека ми прости и господ и власта јас барем не го гледам како можност и перспектива се додека постои оваков амбиент. Македонија е одамна едно обично претпријатие ‘‘ Македонистан Комерц‘‘, а не држава.

Што ќе се случува уште догледен период? Покрај иљадници можни дефиниции, најразголениот одговор би бил ‘‘ лага, лага, а богами и – лага‘‘! Како се осмелувам да го кажам ова!? Па, ова е авторски текст и јас имам право да кажам став кој може а не мора да биде издржан.

Во филм на ‘‘демократија сме ‘‘ нели, де! По устав и закон, имам слобода на говор. Освен ако не е говор на омраза. Гледате некаде говор на омраза?! Јок! Само гола вистина гледана низ мој диоптер. Ако е јанглаш диоптерот и ја сум ‘‘јанглаш‘‘! Демократија бе!

Затоа, кој е задолжен, нека зима ‘‘плајваз у руки‘‘ и нека го брои стадото колку се бели овци, колку црни, колку шарени, колку се воопшто на број! Па, после у Бачило ќе го крстиме млекото и вуната по потреба. Да има братски за сите.

‘‘Сложни попови и у Петок мрсат‘‘, нели!

Агим Јонуз

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk