logo
logo
logo

Заев: На располагање ни се 80,5 милиони евра за изградба на енергетски објекти

Vecer | 15.02.2021

Заев: На располагање ни се 80,5 милиони евра за изградба на енергетски објекти


На потпишувањето на Договорот за грант од „Програмата за обновливи извори“ за поттикнување на енергетската транзиција, помеѓу Електрани на Северна Македонија и Германската банка за развој банка „KfW“, премиерот Зоран Заев истакна дека грант средствата ни ставаат на располагање дополнителни 80,5 милиони евра евтини кредити за изградба на енергетските објекти“.

„Со потпишувањето на денешниот договор, правиме уште еден чекор напред во исполнувањето на зацртаните цели во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Тоа подразбира силна волја и посветеност за имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливо за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки бенефити“, објасни премиерот и додаде дека поддршката е од огромна важност бидејќи го забрзува темпото кон енергетската транзиција за почисто производство на електрична енергија, користење на обновливи извори на енергија, замена на јагленот со природен гас и намалување на јаглеродните емисии на долгорочен план.

Премиерот Заев изрази благодарност до Германија за поддршката што и ја дава на нашата земја во последните 20 години за развојни проекти во вкупен износ од преку 500 милиони евра од кои повеќе од половина се во енергетскиот сектор.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјата Анке Холштајн изрази задоволство што соработката помеѓу двете држави се проширува и интензивира, овој пат во областа на енергетиката.

„Владата е на вистинскиот пат со вложувањето кон обновливи извори на енергија и поддршка на зелени инвестиции во јавниот сектор кои ќе придонесат во намалување на загадувањето. Во Германија јасно се гледаат предностите од обновливите извори на енергија и чекорите кои ги прави Северна Македонија во реформите на енергетскиот сектор“, истакна Холштајн.

Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека Германија и „KfW“ се наши партнери во спроведување на зеленото сценарио преку поволни кредитни линии, преку стручна помош и преку неповратни средства – каков што е денешниот грант од 2,4 милиони евра.

„Со средствата кои се предмет на потпишаниот грант ќе биде финансирана изработката на физибилити студии и студии за влијанието на животната средина и социјалните аспекти на проектите“, истакна Ковачевски.

За директорот на „КfW“ за Македонија и Косово, Рене Ешеманн ова е голем важен чекор во соработката помеѓу двете држави и тој ја поздрави одлучноста на Владата за енергетска транзиција.

Со средствата од грантот како што беше истакнато ќе се поддржат фотоволтаични електрани во РЕК Битола со капацитет поголем од 140 MW, рехабилитација на трета фаза на големите хидроелектрани, изградба на нов ветерен парк во Миравци, модернизација и надградба на комплексот Енергетика во Гази Баба, и соларна топлификација во Битола.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk