Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од Венко Филипче дека нѐ очекува тешка есен на енергетски план и дека се очекува повисока цена на струја, одговори:
– Видете, претпоставувам дека тие ќе продолжат на ваков начин да водат политика. Вие се сеќавате, тие зборуваа дека ќе сме банкротирале 2024, па не банкротиравме. Потоа велеа ќе банкротираме 2025 сигурно, постигнавме историски најголем резултат и раст. Сега шират иста теза дека 2026 сигурно банкротираме, еве повторно имам лоша вест за нив, не само што нема да банкротираме, туку ќе гледаат сѐ повеќе вакви проекти како овој, како се реализираат.
Премиерот истакнува дека трета година од мандатот на Владата, цената на електричната енергија за граѓаните, како што вели, не само што не е поскапена, туку се обидуваме да најдеме формула од јануари месец да поевтинивме.
– А, во времето на Владата на СДСМ и ДУИ, таа порасна за една третина, цената, зборувам на електричната енергија. Тоа се мерливи и компаративни резултати и бројки. По тоа ние можеме да споредуваме, а не по политичка лажна реторика – додава Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата