logo
logo
logo

ПОЛА СЕГА, ПОЛА ВО МАРТ 2027 - ДРЖАВАТА ЌЕ ИМ ВРАТИ 1,5 МЛД ДЕНАРИ НА ФИРМИТЕ ЗА СОЛИДАРЕН ДАНОК

Vecer | 26.03.2026

ПОЛА СЕГА, ПОЛА ВО МАРТ 2027 - ДРЖАВАТА ЌЕ ИМ ВРАТИ 1,5 МЛД ДЕНАРИ НА ФИРМИТЕ ЗА СОЛИДАРЕН ДАНОК

Министерството за финансии започна со исплата на средствата кон компаниите во текот на 2023 година ги уплатија во Буџетот по основ на Законот за данок на солидарност. Досега преку Трезорот на Министерството за финансии се реализирани налози во вкупен износ од 990 милиони денари.

Вкупниот износ којшто компаниите го уплатија во 2023 година во Буџетот изнесуваше 3 милијарди денари. Половина од овој износ државата ќе го врати во текот на овој месец, а другата половина од износот во март 2027 година.

– Министерството за финансии врз основа на задолжение од Владата спроведе транспарентна и инклузивна постапка низ која се утврди модалитетот на којшто државата ќе ги врати средствата коишто беа наплатени од компаниите по законското решение коешто беше поништено од страна на Уставниот суд. Станува збор за постапка којашто заедно ја утврдивме со компаниите со цел да може да се вратат средствата, а притоа да не се наруши ликвидноста на Буџетот – вели министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Законот за данок на солидарност беше донесен од страна на Собранието во 2023 година. Со законското решение беа опфатени компании кои во текот на 2022 година остварија вкупен приход поголем од 615 милиони денари и согласно Законот во Буџетот во текот на 2023 година беа уплатени 49,2 милиони евра од страна на 156 компании. По поништување на Законот од страна на Уставниот суд, државата имаше обврска да се вратат средствата коишто беа уплатени во Буџетот по основ на Законот.

Повратот на средствата се врши врз основа на доставено барање од страна на компаниите до Управата за јавни приходи, а врз основа на донесен Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за враќање на повеќе или погрешно наплатен данок. Компаниите барањата ги доставуваат до Управата за јавни приходи и согласно податоците досега барања имаат доставено вкупно 117 компании.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk