logo
logo
logo

ИСКОРИСТЕТЕ ЈА ДРЖАВНАТА ПОМОШ - Продолжен рокот за аплицирање за субвенциониран приклучок на гас

Vecer | 07.07.2026

ИСКОРИСТЕТЕ ЈА ДРЖАВНАТА ПОМОШ - Продолжен рокот за аплицирање за субвенциониран приклучок на гас

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека продолжува со мерките што директно им помагаат на граѓаните да инвестираат во поекономично, поефикасно и почисто греење.

Во „Службен весник“ е објавена Програмата за изменување на Програмата за поттикнување за снабдување со гас во домаќинствата за 2026 година, со која рокот за аплицирање за финансиска поддршка се продолжува до 31 октомври 2026 година.

-Со оваа одлука Министерството отвора дополнителна можност за сите домаќинства кои сè уште не успеале да аплицираат, да ја искористат државната поддршка и да добијат до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци за приклучок на природен гас или за набавка на котел на гас.За реализација на мерката се обезбедени 3 милиони денари, а средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, до нивно исцрпување. Продолжувањето на рокот е донесено со јасна цел – што поголем број граѓани да добијат можност да ја искористат оваа мерка и да ги намалат трошоците за греење, истовремено користејќи почист и поефикасен енергенс, соопшти Министерството.

Право на аплицирање имаат домаќинства кои во текот на 2026 година ќе извршат куќен приклучок на системот за дистрибуција на природен гас, како и домаќинства кои ќе набават котел на гас за објект што веќе бил приклучен на системот заклучно со 1 јануари 2026 година. Домаќинството може да поднесе едно барање.

Министерството ги повикува сите заинтересирани граѓани навремено да ги поднесат своите барања во согласност со условите од јавниот оглас. Повеќе информации има на сајтот на министерството – www.energy.gov.mk

По завршувањето на рокот, комисија формирана од Министерството ќе ги разгледа доставените апликации, а финансиската поддршка ќе им биде исплатена на сите корисници кои ги исполнуваат пропишаните услови.

-Поддршката на граѓаните, подобрувањето на енергетската ефикасност и создавањето поквалитетни услови за живот остануваат меѓу клучните приоритети на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Преку вакви мерки, Министерството продолжува да води политики што носат директна корист за семејствата и придонесуваат кон посигурна, почиста и поодржлива енергетска иднина, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk