УЈП ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ СИСТЕМОТ Е-ФАКТУРА ПРЕД БАНКАРСКИОТ СЕКТОР

Vecer | 13.08.2026

УЈП ГО ПРЕЗЕНТИРАШЕ СИСТЕМОТ Е-ФАКТУРА ПРЕД БАНКАРСКИОТ СЕКТОР
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Во соработка со Македонската банкарска асоцијација (МБА), Управата за јавни приходи одржа работилница посветена на проектот е-Фактура, на која присуствуваа околу 50 претставници од банкарскиот сектор.

Работилницата претставува уште еден чекор во заедничките напори за дигитализација на процесите поврзани со фактурирањето и јакнење на соработката меѓу институциите и деловниот сектор. Како значаен чинител во дигиталните и безготовинските плаќања, банкарскиот сектор е активен партнер на УЈП во процесот на воведување и унапредување на современите дигитални решенија, меѓу кои и системот е-Фактура.

На работилницата беше презентиран системот е-Фактура, неговите функционалности и можности, а учесниците имаа можност и практично да се запознаат со начинот на неговото користење, вклучително и со процесот на креирање електронска фактура.Вклучувањето на банкарскиот сектор во овој процес е од особено значење, имајќи ја предвид неговата клучна улога во реализацијата на електронските и безготовинските плаќања. Навременото запознавање со новите дигитални процеси и функционалности што ги носи системот е-Фактура создава основа за нивна полесна и поефикасна примена во практиката.

Оваа работилница е дел од континуираните активности на УЈП за навремено информирање, вклучување и соработка со сите релевантни засегнати страни во процесот на воведување на е-Фактура. Во изминатиот период беа реализирани бројни работилници и средби со различни категории корисници, меѓу кои шпедитери, општини, јавни претпријатија и компании.

УЈП изразува благодарност до МБА за иницијативата, интересот и конструктивната соработка, како и за активното учество на банкарскиот сектор во процесот на дигитална трансформација.

Во наредниот период УЈП продолжува со активности за информирање, практична поддршка и тестирање на системот е-Фактура, во соработка со сите релевантни засегнати страни, со цел создавање поефикасен, поврзан и целосно дигитализиран процес на фактурирање.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk