logo
logo
logo

МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ЗАКОНСКИ ЌЕ ПОРАСНЕ НА 26.046 ДЕНАРИ

Vecer | 02.03.2026

МИНИМАЛНАТА ПЛАТА ЗАКОНСКИ ЌЕ ПОРАСНЕ НА 26.046 ДЕНАРИ

Просечната потрошувачка кошничка што ја изработи Владата е за 13% поевтина од потрошувачката кошничка што ја изработува Сојузот на синдикатите, тврди министерот за економија, Бесар Дурмиши.

Во потрошувачката кошничка изработена од Владата, како што изјави денеска Дурмиши, опфатени се 101 производ и таа е реална, односно ги отсликува минималните трошоци на едно семејство.

– Речиси 13% оваа потрошувачка кошничка е поевтина од онаа што ја објавува ССМ. Нивната не е минимална кошничка – имаат ставено производи што во временски период не се трошат, имаат ставено ставка за кирија, а според пописот, 90% од населението има сопствен дом. Нивната кошничка не е реална, туку направена од тројца професори, кои самите кажуваат дека тоа не е минимална кошничка – рече Дурмиши одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Економско-социјалниот совет.

Кошничката изработена од Владата денеска беше презентирана пред ЕСС, но за неа имало одредени забелешки, од, како што рече Дурмиши, технички карактер, но имало и предлози што ќе се разгледаат и на следната седnица на ЕСС, која се планира да се одржи до крајот на месецот, повторно ќе биде разгледана.

Доколку биде прифатена, според Дурмиши, ќе почне да се применува од крајот на овој месец.

Тој  го презентира и зголемувањето на минималната плата, која законски од март ќе се зголеми за 1.667 денари или во април работниците ќе земат минимална плата од 26.046 денари во нето-износ.

Со ваквото законско усогласување, како што рече Дурмиши, се согласиле сите присутни синдикати, освен Сојузот на синдикатите на Македонија, чии претставници ја напуштија седницата.

– Ова законско усогласување е донесено претходно кога биле усогласени сите синдикати. Сите други се согласија со ова известување. Според законот, должни сме да го објавиме – рече Дурмиши.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk