Да се биде Европјанин значи да се ужива во добра храна и во градови прилагодени за пешаци, но исто така значи и дека мора постојано да слушате приказни за тоа колку вашата економија заостанува зад американската. Последниве години, сеопфатните извештаи што ја oплакуваат слабата европска продуктивност станаа речиси литературен жанр. Затоа, веста дека американскиот јавен долг изминативе недели надмина 40 трилиони долари (што го отвора прашањето уште колку долго инвеститорите ќе бидат подготвени да ги финансираат хроничните буџетски дефицити на Вашингтон) во одредени европски кругови беше пречекана со доза злорадост. Европа, најпосле, добро знае како изгледаат должничките кризи што излегуваат од контрола. Би било речиси освежувачки доколку улогите се заменат и доколку Европјаните конечно можат да бидат тие што ќе им делат совети на Американците како да управуваат со економијата.
На прв поглед, Европа навистина изгледа фискално значително поздрава од својот трансатлантски ривал. Вкупниот долг на владите на државите членки на Европската Унија изнесува околу 15,7 трилиони евра, односно 18,2 трилиони долари, и тоа во економија која не е многу помала од американската. Понатаму, Европјаните се посиромашни, но ги има и повеќе. Пред дваесет години, и САД и Европа имаа сооднос меѓу јавниот долг и БДП од околу 65 проценти. Денес, американскиот сооднос е пораснат на повеќе од 120 проценти, а ММФ проценува дека до 2031 година ќе надмине 140 проценти. Во Европа е на „само“ 83 проценти и се очекува да остане релативно стабилен, што сè уште изгледа релативно разумно.
Сепак, Европјаните кои поради тоа лекомислено ќе заклучат дека ќе им држат лекции на Американците за економско управување, би требало да се воздржат. Бидејќи, иако Америка има поголем долг, Европа има поголем проблем со долгот. САД имаат две големи предности: доларот е светска резервна валута, а американската економија расте.
Европскиот проблем, пак, може да се сведе на еден збор: Франција.
Споредувањето на европскиот и американскиот долг е посложено отколку што сугерираат вкупните бројки. Америка без сомнеж должи премногу, но европскиот долг е распределен на многу попроблематичен начин. Кога САД треба да ги сервисираат каматите за трилиони долари федерални обврзници, целата држава стои зад секој долар долг. Во Европа, спротивно на тоа, поголемиот дел од долгот го издаваат 27 поединечни држави членки, а секоја од нив мора сама да ги враќа своите обврски за проблемите на една земја да не ја загрозат целата Унија.
Трошење пред избори
Затоа Европската Унија, односно пред сè еврозоната, е силна онолку колку што е силна нејзината најслаба членка, што своевремено го покажа Грција кога се закануваше со неисплаќање на долгот. Многу членки на ЕУ имаат подносливо ниво на задолженост, пред сè Германија и нејзините северни соседи. Други, како Грција и Шпанија, имаат висок долг, но и доволно силен економски раст за да ги смират инвеститорите на пазарот на обврзници.
Франција, меѓутоа, се издвојува бидејќи нема ниту доволно фискален простор, ниту економски раст. Нејзиниот јавен долг изнесува околу 118 проценти од БДП, а економијата во последниот квартал не забележа речиси никаков процентен раст.
Поради тоа, приносите на француските десетгодишни државни обврзници пораснаа на 4,2 проценти, што е највисоко ниво во последните 18 години, и сега се повисоки дури и од италијанските. Дел од тоа се должи на глобалниот тренд владите ширум светот плаќаат сè повисоки камати бидејќи инвеститорите се загрижени за инфлацијата и геополитичките ризици. Но, разликата меѓу приносите на француските и германските обврзници, односно дополнителната премија што Франција мора да им ја понуди на инвеститорите поради поголемиот ризик, се приближи до еден процентен поен.
Разликите во трошоците за задолжување меѓу државите на ЕУ се сè уште далеку од нивоата видени за време на должничката криза во еврозоната во 2010-тите години. За тоа во голема мера придонесе Европската централна банка, која во меѓувреме јасно стави до знаење дека би можела да интервенира доколку трошоците за задолжување на некоја членка на еврозоната пораснат премногу. Но, таквата помош од ЕЦБ би требало да биде условена со тоа проблематичната држава сериозно да спроведе реформи и да ги доведе своите јавни финансии во ред. Проблемот е што политиката често ја отежнува таквата фискална дисциплина, а Европа наскоро ја очекува низа важни избори. Во текот на 2027 година, национални избори треба да се одржат во Франција, Грција, Италија и Шпанија (четири држави со висок јавен долг), што значи дека за политичарите фискалната дисциплина ќе падне во втор план.
Кој е следната Грција?
Франција треба да се набљудува како проблем и поради политичката ситуација. Според резултатите од анкетите, во водство е Марин Ле Пен, популистичка политичарка која своевремено се залагаше за излегување на Франција од еврозоната. Неодамна, лидерот на нејзината партија сугерираше дека ЕЦБ би можела на некој начин да се наговори да ѝ помогне на Франција. Нејзиниот популистички противник од левицата, Жан-Лик Меланшон, пак, изјави дека сака да „изгори“ дел од француските државни обврзници. Дури ни меѓу поумерените центристи засега нема сериозни предлози Франција во блиско време да се врати на буџетски дефицит од најмногу три проценти од БДП, колку што пропишуваат правилата на Европската Унија.
Да се каже дека Франција е следната Грција би било претерување. Барем засега е така, иако француското растрошништво веќе влијае врз Европа. САД можат да си дозволат големи буџетски дефицити делумно зато што огромна количина американски државни обврзници се деноминирани во долари, светската резервна валута, па на инвеститорите им служат како сигурно прибежиште во несигурни времиња.
Европа би сакала да има таква моќ, а еден од обидите беше издавањето заеднички обврзници на Европската Унија за кои заеднички гарантираат сите 27 држави членки. ЕУ започна да ги издава во поголем обем во 2021 година за да го финансира планот за закрепнување по пандемијата. Многумина се надеваа дека таков модел во иднина би можел да се користи и за финансирање на одбраната, во согласност со повиците на францускиот претседател Емануел Макрон за поголема европска „стратешка автономија“. Но, продолжувањето на француското буџетско посртпање веројатно значително ги намали изгледите за ново заедничко задолжување. Колку е поголема разликата меѓу приносите на француските и германските обврзници, толку е поголема и индиректната субвенција што Германија ѝ ја дава на Франција секојпат кога ЕУ издава заеднички обврзници, односно, гледано пошироко, тоа значи трансфер од фискално поздравите кон презадолжените членки.
Германија и онака никогаш не беше особено склона кон проширување на заедничкото задолжување, а сега има уште посилен аргумент против него: зошто некој доброволно би ја делел сметката со растрошен партнер во чија кредитна способност пазарите сè повеќе се сомневаат?
Цената на француската фискална недисциплина долго време ја плаќаа само граѓаните на таа држава. Сега цената на францускиот долг ќе ја почувствуваат и останатите Европјани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата