Францускиот претседател Емануел Макрон побара од владата „целосна мобилизација“ поради зголемувањето на цените на горивата и ризиците во снабдувањето. На седницата на Советот на министри, Макрон побара целосно да се реши проблемот со цените на горивата и достапноста. Информацијата ја потврди портпаролката на владата Мод Брежеон.
„Целта на претседателот во наредните денови и недели е да обезбеди снабдување и потребни количини, особено од други земји“, изјави Брежеон за новинарите.
Регулаторни мерки и состојба на пумпите
Таа, исто така, најави напори за постигнување „поголема флексибилност на регулативите на европско ниво со цел донекаде да се олабави системот за рафинериите“. „Целта е да се намалат цените колку што е можно повеќе или барем да се контролира нивниот раст“, објасни портпаролката.
Според неа, околу 10 проценти од бензинските пумпи имаат тешкотии со снабдувањето „барем еден вид гориво“, а повеќето од нив припаѓаат на мрежата TotalEnergies.
„Сакам да ги уверам сите, синџирите на снабдување немаат невообичаени тешкотии во споредба со редовната ситуација. Од друга страна, работиме понапорно на меѓународните набавки“, рече таа.
Социјални немири и можни нови мерки
Наглиот пораст на цените на горивата предизвика повици за протести што потсетуваат на движењето „Жолти елеци“. Во исто време, рибарите во Медитеранот ги блокираат складиштата за нафта.
Кога беше прашана за ова незадоволство, Мод Брежон одговори дека владата „не исклучува нови мерки бидејќи ситуацијата станува сè потешка, особено во последните недели“. Сепак, таа не сакаше да ги прецизира роковите за тие потенцијални мерки и додаде дека владата го проучува целиот проблем многу внимателно.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата