Халкбанк отвори меѓународен конкурс за жени претприемачки - за првпат можност за учество и за бизниси од Македонија

Vecer | 16.11.2026

Халкбанк отвори меѓународен конкурс за жени претприемачки - за првпат можност за учество и за бизниси од Македонија
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Халкбанк АД Скопје ги повикува жените претприемачки од Македонија да се пријават на шестото издание на меѓународниот конкурс „Жени што создаваат“, организиран од матичната банка Халкбанк Туркије. Конкурсот за 2027 година е отворен и за претпријатија од Северна Македонија, а целта е да се поддржат и промовираат успешни бизнис-приказни, иновативни идеи и проекти што придонесуваат за економски и општествен развој.

Преку оваа иницијатива, Халкбанк продолжува со активностите за зајакнување на женското претприемништво, овозможувајќи им на жените што основале сопствени компании да ги претстават своите деловни достигнувања пред поширока меѓународна јавност.

Конкурсот е наменет за претпријатија што се издвојуваат со иновативност, примена на нови технологии, одржливи деловни модели, потенцијал за раст и позитивно влијание врз општеството.

Основен услов за учество е најмалку 50% од сопственичките удели во претпријатието да им припаѓаат на жени.

Пет категории за различни бизнис-идеи и претприемачки успеси

Конкурсот „Жени што создаваат“ опфаќа пет категории, со цел да им овозможи учество на претпријатија со различна големина, дејност и степен на развој.

„Жена претприемач на годината“ е категорија наменета за компании со годишен промет над 11 милиони денари, кои изградиле сопствен бренд и веќе работат на странски пазари или имаат амбиции за меѓународно проширување.

„Иновации, технологија и вештачка интелигенција“ ги опфаќа претпријатијата што користат современи технологии за развој на иновативни производи, услуги и деловни модели, со потенцијал за понатамошен раст.

„Ѕвезда во подем“ е наменета за жени претприемачки чии компании остваруваат годишен нето-приход од продажба до 11 милиони денари и покажуваат потенцијал за развој и иновации.

„Одржливост“ ги опфаќа бизнисите што развиваат решенија во областа на ефикасното користење на ресурсите, циркуларната економија, рециклирањето и намалувањето на отпадот.

„Општествено одговорен претприемач“ е категорија за компании што создаваат економска вредност, а истовремено придонесуваат за решавање општествени и еколошки проблеми, вклучително и преку образование, вработување жени, поддршка на лица со попреченост и активности поврзани со климатските промени.

Како ќе се избираат најуспешните претприемачки?

При оценувањето на апликациите ќе се земат предвид економскиот придонес на компаниите, финансиската одржливост, деловните резултати и потенцијалот за понатамошен раст.

Посебно внимание ќе се посвети на бројот на отворени работни места за жени, примената на нови технологии, иновативноста во маркетингот, управувањето со продажбата и клиентите, како и способноста на претпријатијата да понудат решенија за реални потреби.

Важен дел од оценувањето ќе бидат и оригиналноста на претприемачката приказна и придонесот кон општеството.

По првичната селекција, финалистите од секоја категорија ќе бидат оценувани од стручна жири-комисија составена од експерти од релевантните области и успешни деловни жени.

Како можат да аплицираат жените претприемачки од Македонија?

Пријавувањето се врши електронски, преку официјалната веб-страница на Халкбанк Туркије, со пополнување на пријавниот формулар.

Секоја жена претприемач или здружение на жени има право да поднесе само една пријава, а поднесената апликација може да се ажурира во рок од три дена од нејзиното доставување.

Кандидатите се одговорни за точноста на податоците и доставената документација, како и за почитувањето на правата на интелектуална сопственост.

Нова можност за меѓународна видливост на македонските бизниси

Отворањето на конкурсот за учеснички од Северна Македонија претставува дополнителна можност за промоција на домашните компании пред меѓународна публика.

Особено значајно е што конкурсот не е ограничен само на веќе развиени компании, туку опфаќа и помали бизниси со потенцијал за раст, како и претпријатија што развиваат технолошки и општествено корисни решенија.

Со оваа иницијатива, Халкбанк настојува да придонесе кон поголема видливост на жените во деловниот свет и да го поттикне развојот на женското претприемништво.

Жените претприемачки од Македонија можат да аплицираат преку официјалната страница на конкурсот „Жени што создаваат“ за 2027 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk