logo
logo
logo

Осуден основачот на „Евергранд“: Крај на империјата изградена врз милијарди долари долгови и измами

Vecer | 20.08.2026

Осуден основачот на „Евергранд“: Крај на империјата изградена врз милијарди долари долгови и измами

Некогаш вториот најбогат човек во Азија го изгради „Евергранд“ во симбол на прекумерно задолжување за време на повеќедеценискиот кинески процут на пазарот на недвижности, за неговата деловна империја да се сруши откако компанијата во 2021 година западна во проблеми со отплатата на долговите.

Осудени и синовите Хуи е осуден заедно со уште 56 лица поврзани со „Евергранд“, меѓу кои се и неговите синови Су Џијијан и Су Тенге.

Неговиот имот ќе биде конфискуван, додека на компанијата „Евергранд“ ѝ е изречена парична казна од 8,82 милијарди јуани, односно околу 1,3 милијарди долари. „Хенгда Риел Естејт“, домашната единица на компанијата, ќе мора да плати дополнителни седум милијарди јуани.

Пресудата претставува завршница на повеќегодишниот процес во кој кинеските власти заклучија дека деловниот модел на „Евергранд“ бил заснован не само на прекумерно задолжување, туку и на сериозни финансиски измами. Хуи во април пред кинескиот суд призна вина за кривични дела кои вклучуваат незаконско прибирање јавни депозити и измама во прибирањето капитал.

„Евергранд“ и Хуи беа прогласени за виновни и за лажно издавање хартии од вредност, кршење на правилата за објавување информации и поткуп, додека самиот Хуи е обвинет и за извлекување на имотот на компанијата преку механизми за исплата на дивиденди, пишува „Блумберг“.

Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ оцени дека станува збор за случај во кој „износот на криминалот е исклучително голем“, дека околностите се посебно тешки, дека е причинета огромна економска штета и дека последиците по општеството се исклучително сериозни.

Повеќе од корпоративна измама

Таквата формулација го покажува и поширокиот став на кинеските власти кон случајот „Евергранд“, кој ги надмина рамките на поединечна корпоративна измама и стана симбол на ризикот што настана за време на повеќедецениското потпирање на кинескиот економски модел врз недвижностите, кредитната експанзија и растот на цените на имотот.

Хуи од скромни почетоци во провинцијата Хенан изгради една од најголемите кинески деловни империи. Роден во 1958 година како син на дрвосечач, тој ја напуштил работата во челична компанија во 1992 година, во време кога економските реформи на Денг Сјаопинг отвораа простор за приватно претприемништво. Неколку години подоцна почнал да се занимава со недвижности во Гуангџоу, а „Евергранд“ го основал во 1996 година.

Компанијата потоа го искористи огромниот раст на кинескиот пазар на недвижности и стана најголем инвеститор во секторот според продажбата, како и еден од најголемите издавачи на доларски долг меѓу кинеските компании.

Во периодот на најголемиот подем, „Евергранд“ изгради повеќе од 1.300 проекти во 280 градови. Сепак, Хуи не застана само на недвижностите.

Од недвижности до фудбал и електрични возила

Компанијата стана широко диверзифициран конгломерат кој работеше во области од флаширана вода до професионален фудбал и производство на електрични возила. Таквата експанзија беше речиси целосно потпрена врз долг, поради што „Евергранд“ во еден момент стана најзадолжениот инвеститор во недвижности во светот.

Компанијата со години успеваше да го одложува соочувањето со проблемот со ликвидноста благодарение на новиот капитал што го прибираше од кинеските и хонгконшките милијардери, инвеститори, добавувачи и мали вложувачи. Хуи ја користеше широката мрежа на деловни односи за да го одржува приливот на пари и да ги рефинансира постоечките обврски. Сепак, промената на политиката на Пекинг од 2020 година означи пресвртница.

Кинеските власти почнаа да го ограничуваат задолжувањето на компаниите за недвижности, со што „Евергранд“ практично го изгуби пристапот до изворите на финансирање кои со години го одржуваа неговиот деловен модел.

Државата забрани нови задолжувања

Компанијата кон крајот на 2021 година западна во неможност за измирување на долговите, по што обидите за реструктуирање повеќепати пропаѓаа. Судот во Хонгконг во 2024 година издаде налог за ликвидација на „Евергранд“, што претставуваше една од најважните точки во распадот на кинескиот сектор за недвижности. Истата година, кинескиот суд барањето за ликвидација го прифати и за една од најголемите домашни единици на компанијата.

Хуи беше приведен од кинеската полиција во 2023 година и ставен под таканаречен надзор во местото на живеење, мерка која е поблага од формален притвор или апсење. Од тогаш, кинеските власти главно молчеа за неговиот статус.

Истовремено, регулаторната истрага против „Евергранд“ ги откри сите размери на проблемот: во 2024 година кинеските регулатори ја обвинија главната домашна единица на компанијата дека вештачки ги зголемила приходите за повеќе од 560 милијарди јуани така што продажбата на недвижности ја прикажувала однапред. Поради тоа, кинескиот регулатор го суспендираше работењето на ревизорската куќа „ПрајсвотерхаусКуперс“во Кина на шест месеци и ѝ изрече парични казни.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk