Александар Вучиќ, носител на изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, денеска гласаше на Нов Белград, откако речиси два часа чекаше во ред заедно со останатите граѓани.
Вучиќ пристигнал на избирачкото место околу 8:05 часот, во придружба на сопругата Тамара, но поради големата гужва успеал да гласа дури по 10 часот.
Гласањето го извршил на избирачкото место број 140, сместено во објектот на детската градинка „Тесла – наука за живот“, каде што уште од раните утрински часови се формирала долга редица од граѓани.
На социјалните мрежи се објавени снимки и фотографии од Вучиќ и неговата сопруга додека чекаат во редот, како и по завршувањето на гласањето.
Големи редици се забележани и пред други избирачки места низ Србија. Според податоците на ЦЕСИД и ИПСОС, пренесени од „Јуроп електс“, излезноста до 9 часот изнесувала 12 проценти, што е повеќе од двојно во споредба со истиот период на парламентарните избори во 2023 година, кога изнесувала 5,2 проценти.
На денешните предвремени парламентарни избори во Србија се избираат 250 пратеници во Народното собрание, а на гласачкото ливче има 18 изборни листи. Право на глас имаат повеќе од 6,45 милиони граѓани.
Во центарот на изборната трка се коалицијата предводена од Вучиќ и студентската листа, произлезена од протестното движење што започна по трагедијата на железничката станица во Нови Сад.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата