Статуа на Богородица во познатото босанско светилиште Меѓугорје беше оштетена во раните утрински часови, а во ист период бил предизвикан и пожар на надворешниот дел од олтарот на црквата „Свети Јаков“. Според информациите на порталот „Јабука“, станува збор за два одделни вандалски инциденти кои се случиле во близок временски период.
Локалната полициска станица денес во 4:30 часот добила пријава дека во местото Подбрдо, Меѓугорје, е оштетена статуата на Богородица, врз која биле испишани различни натписи.
Еден од нив гласи „Ѓавол во здолниште“ (Devil in а skirt). Воедно, обоено било и лицето на Богородица.
„Потоа, во 5 часот, полициската станица прими и пријава дека избувнал пожар на надворешниот дел од олтарот на црквата ‘Свети Јаков’ во Меѓугорје“, потврди за Јабука портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Илијана Милош.
Јабука објави и видео од надзорна камера од црквата, каде се гледа како непознат маж истура течност, го пали олтарот и бега од локацијата.
Покрај тоа, на повеќе места во Меѓугорје биле осквернавени верски симболи, меѓу кои и статуата на Богородица на Подбрдо, како и Синиот крст.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата