Специјалниот суд во Хаг го закажа 16 септември како ден за изрекување на пресудата против поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, и неговите најблиски соработници од поранешната Ослободителна војска на Косово. По долготрајната постапка во која беа сослушани стотици сведоци и беа презентирани илјадници доказни материјали, меѓународниот судски совет ќе го даде конечниот збор за обвиненијата кои товарaт дел од некогашното раководство на ОВК за воени злосторства и злосторства против човечноста.
Опсежно обвинение за настаните од воениот конфликт
Специјализираното обвинителство ги товари Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи за командна одговорност за дела извршени во периодот меѓу 1998 и 1999 година. Според наводите во актот, обвинетите се дел од здружен злосторнички потфат насочен против политичките противници, малцинските заедници и цивилното население. Одбраната во текот на целиот процес тврдеше дека ОВК немала класична хиерархиска структура и дека обвинетите немале директна контрола врз сите единици на терен.
Политички и регионални импликации од одлуката
Завршницата на судењето пред Специјализираните веќеа во Хаг носи значителна политичка тежина за Косово и целиот регион. Тачи и неговите соборци беа клучни фигури во трансформацијата на ОВК во политички субјекти и во воспоставувањето на косовските институции по конфликтот. Одлуката на судот ќе претставува еден од најважните правни епилози поврзани со конфликтите на просторите на поранешна Југославија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата