Инцидент во водите кај грчкиот остров Скијатос го нарушил мирното патување на туристички брод со 42 патници, кој вчера се судрил со едрилица во северозападниот дел на Егејското Море. Во судирот биле повредени повеќе патници, при што, според првичните информации, повредите биле полесни. За случајот објави грчкиот весник „Екатимерини“.
Бродот пловел од пристаништето на Скијатос кон островчето Цунгрија, кога за време на пловидбата со левиот дел удрил во едрилицата. Од ударот на вториот брод настанала пукнатина.
Патниците се симнале на островчето Цунгрија, а туристичкиот брод се вратил во пристаништето на Скијатос, каде безбедно бил закотвен.
Капетанот бил кратко време приведен, а бродот ќе остане во пристаништето додека надлежните не издадат потврда за неговата техничка исправност и пловидбеност.
При судирот не било регистрирано загадување на морето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата