logo
logo
logo

11 ЕУ-членки бараат УКИНУВАЊЕ НА ВЕТОТО ВО НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА

Vecer | 01.09.2026

11 ЕУ-членки бараат УКИНУВАЊЕ НА ВЕТОТО ВО НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА

Единаесет земји-члкенки на Европската Унија побараа да се разгледа на можноста за премин од едногласно донесување одлуки на гласање со квалификувано мнозинство во надворешната политика на ЕУ, со оценка дека правото на вето на поединечните држави сè повеќе го блокира заедничкото дејствување на Унијата, објави „Евроњуз“.

Австрија, Данска, Белгија, Финска, Франција, Германија, Луксембург, Холандија, Романија, Шпанија и Шведска во писмото испратено до високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, истакнуваат дека принципот на консензус треба да придонесе за заедничко дејствување.

„Културата на консензус е важен извор на легитимитет за Унијата. Затоа ќе продолжиме да се стремиме кон консензус секогаш кога е можно“, се наведува во писмото.

ЕУ мора да обезбеди консензусот да го поттикнува заедничкото дејствување, а не да го попречува, се додава во писмото.

Земјите потписнички наведуваат дека поради меѓународното опкружување, сè поголемата нестабилност и обидот за уривање на меѓународниот поредок заснован врз правила, ЕУ мора да биде способна за брзо и ефикасно да ги мобилизира политичките, економските и дипломатските сили.

Тие предлагаат пет принципи за унапредување на заедничката надворешна политика: почитување на принципот на „искрена соработка и меѓусебна солидарност“, поголема употреба на конструктивна воздржаност наместо вето, избегнување на поврзување на одлуките за надворешна политика со прашања што не се суштински поврзани со неа, разгледување на можноста за премин кон гласање со квалификувано мнозинство во рамките на постоечките договори на ЕУ, а државите што сакаат да ја блокираат таква промена да „ги образложат виталните причини“.

„Правната рамка за сите пет принципи веќе постои. Ние треба само да ги примениме и така да ја унапредиме нашата надворешна политика“, се наведува во писмото.

Земјите потписнички посочуваат оти една од можностите е активирање на таканаречената „пасарела“ од членот 31 од Договорот за ЕУ, со што ќе се овозможи одлуките наместо едногласно да се носат со квалификувано мнозинство.

Поддржувачите наведуваат дека таков систем би го забрзал донесувањето одлуки и би спречил непотребни блокади, додека противниците предупредуваат дека би можел да го ослабне демократскиот легитимитет на донесувањето одлуки. Помалите земји-членки на ЕУ правото на вето го сметаат за важен инструмент за заштита на нивните позиции и интереси во однос на поголемите држави.

Според сегашните правила на ЕУ, одлуките во областа на надворешната политика генерално се носат едногласно, што значи дека една членка може да ја блокира одлука на другите 26 држави.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk