Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска порача дека Белград ќе продолжи да води независна политика и покрај различните ставови на дел од јавноста за посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Вучиќ оцени дека Србија „не изгубила ништо“ со доаѓањето на Зеленски, нагласувајќи дека истовремено ја продолжува соработката со Кина и САД, но и дека не сака да го наруши пријателството со Русија. Тој додаде дека Србија ќе остане на курсот на независна политика, и покрај незадоволството што, како што рече, постои кај одредени луѓе.
„Никаде не ја преминав границата на нашата политика што ја воспоставивме за време на состанокот со Зеленски“, рече Вучиќ, додавајќи дека „нема да бидам ничија марионета“.
„Не сакам никому да му служам, ниту на Англија, ниту на Германија, ниту на Америка, ниту на Русија“, рече Вучиќ, додавајќи дека Украина никогаш не била непријател на Србија и дека е земја што го поддржува територијалниот интегритет на Србија.
На прашањето на новинар за критиките дека Србија седи на повеќе од едно столче, Вучиќ одговори „ние имаме само свое столче“- пишува Н1.рс.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата