Уставниот суд на Словенија денес одлучи дека сите работници мора да добијат задолжителен божиќен бонус, отфрлајќи ги приговорите на работодавците дека мерката ја ограничува нивната економска слобода, јавува „Словенија тајмс“.
Законот беше усвоен во ноември 2025 година и предвидува божиќен бонус во висина од половина минимална плата. Работниците што биле вработени само дел од годината имаат право на соодветно помал износ.
Судот, сепак, утврди дека неуставно било правилото со кое исплатата за работниците во приватниот сектор во 2025 година се барала и за период пред законот да стапи во сила. Но, одлучи да не го поништи тоа правило, за работниците да не мора да ги враќаат парите што веќе ги добиле.
Одлуката беше донесена со осум гласа „за“ и еден „против“.
Постапката ја покрена производителот на кожни производи „Боксмарк Ледер“, со поддршка од неколку компании. Тие сметаа дека државата со задолжителната исплата премногу се меша во работењето на бизнисите.
„Не добивме задоволителен одговор на прашањето што точно значи слободата на претприемништвото“, изјави директорот на компанијата, Марјан Тробиш.
Компаниите стравуваа дека исплатата на бонусот ќе им ја намали заработката. Според проценките на Финансиската управа, божиќниот бонус ги чинел јавниот и приватниот сектор вкупно околу 520 милиони евра. Сепак, податоците на агенцијата АЈПЕС покажуваат дека словенечките компании во 2025 година оствариле вкупна нето-добивка од 7,3 милијарди евра, што е за 13 проценти повеќе од претходната година.
Синдикатите ја поздравија одлуката на судот, оценувајќи дека таа го потврдува правото на работниците да добиваат божиќен бонус.
Претседателот на Сојузот на слободни синдикати на Словенија, Андреј Зорко, изјави дека одлуката треба да стави крај на спорот и дека вниманието треба да се насочи кон обезбедување достоинствени плати.
Божиќниот бонус минатата година изнесувал 639 евра, а годинава ќе изнесува 740 евра, бидејќи неговиот износ е поврзан со минималната плата, која е зголемена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата