Ден на независноста на Албанија, 28 ноември, во Тирана “обележен“ со ретко видени насилства при масовни протести против владата на Еди Рама.
Неколку лица — меѓу кои полицајци, демонстранти и новинари — беа повредени денеска за време на антивладините протести во Тирана, по судирите меѓу демонстрантите и полицијата, при што беа фрлани камења, факели и молотови коктели.
Екипи на брзата помош им укажаа лекарска помош на тројца повредени демонстранти на самото место. Меѓу повредените имаше и новинарка, која е странски државјанин.
Според Еуроњуз (Euronews Albania), конфликтот ескалирал пред зградата на албанската влада, откако дел од демонстрантите фрлале камења, стапови и молотови коктели кон полицајците распоредени пред седиштето на албанскиот премиер Еди Рама.
Полицијата одговори со употреба на водени топови, солзавец и возила за разбивање демонстрации, обидувајќи се да ја потисне толпата и повторно да воспостави контрола врз ситуацијата.
Судирите продолжија и во други делови од центарот на Тирана, каде што демонстрантите фрлале камења кон полицијата; во еден момент, тие дури и опколиле едно полициско возило.
По употребата на солзавец и водени топови, десетици демонстранти се повлекле кон плоштадот „Скендербег“, иако некои од нив се вратиле на местото на судирите и продолжиле да фрлаат предмети кон полицијата.
Протестот започна околу 10:00 часот, кога граѓаните се собраа на плоштадот „Скендербег“; повеќе од два часа подоцна, тие тргнаа во марш кон зградата на владата.
Демонстрантите носеа албански знамиња и транспаренти, а за време на собирот палеа и факели. Во текот на изминатите недели, организаторите ги повикаа граѓаните од сите делови на земјата, како и припадниците на албанската дијаспора, да учествуваат на протестот против владата на премиерот Еди Рама.

Демонстрациите се одржаа на 114-годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија, датум што се одбележува и како Ден на знамето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата