Александар Чупиќ, претставник на победничката Студентска листа во Србија, актуелен претседател на српскиот парламент и вршител на должноста претседател на државата, пристигна во Охрид, каде што учествува на состанокот на лидерите во рамките на Процесот Брдо-Бриони.
Чупиќ синоќа присуствуваше на неформалната вечера организирана од македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, на која беа собрани шефовите на државите и делегациите од регионот. На вечерата присуствуваше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Чупиќ беше избран за претседател на Народното собрание на Србија на 19 ноември, на предлог на Студентската листа, а истовремено ја извршува и функцијата вршител на должноста претседател на Србија.
Тој е доцент на Сообраќајниот факултет при Универзитетот во Белград и беше еден од кандидатите на Студентската листа на парламентарните избори.
Мицкоски преку објава на Фејсбук информираше дека на неформалната вечера се разговарало за регионалната соработка, добрососедските односи, стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан.
„Дијалогот, меѓусебната доверба и заедничката посветеност се клучни за изградба на стабилен, просперитетен и европски регион“, порача Мицкоски.
Денеска, 27 ноември, во Охрид се одржува пленарниот состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, чија главна тема е европската перспектива на Западен Балкан и унапредувањето на регионалната соработка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата