Утре ДЕН НА ЖАЛОСТ ВО БУГАРИЈА

Vecer | 10.11.2026

Утре ДЕН НА ЖАЛОСТ ВО БУГАРИЈА
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Министерскиот совет на Бугарија утре, 11 ноември, го прогласи ден на жалост во спомен на загинатите во двете верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ – изјави премиерот Румен Радев пред новинарите на местото на несреќите, пренесува БТА.

Две тешки верижни сообраќајни несреќи се случија денеска при густа магла на автопатот „Тракија“, во близина на патниот јазол „Зимница“, недалеку од Јамбол. Најмалку 11 лица загинаа, а речиси 50 се повредени во несреќите во кои учествувале вкупно 86 возила. Според податоците на Министерството за здравство, до 11:30 часот, 10 лица загинале на местото на несреќата, а едно починало во болница во Јамбол.

Министерката за здравство Катја Ивкова изјави дека вкупно 51 лице се пренесени во здравствени установи во Сливен, Јамбол и Бургас. Ивкова, која заедно со премиерот Радев, министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев и министерот за одбрана Димитар Стојанов ја посети локацијата, прецизираше дека најголем број од повредените – вкупно 33 – се пренесени во Сливен, 11 се во Јамбол, а седум во Бургас. Вкупно 13 пациенти се тешко повредени, а еден од нив во моментов е подложен на сложена операција во Бургас.

Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев на брифингот пред медиумите на местото на инцидентите најави дека девет истражители се очекува да пристигнат на автопатот за да извршат увид, при што ќе бидат испитани и хоризонталната патна сигнализација и асфалтот. Според него, причините за несреќите се повеќекратни.

-Она што е сигурно е дека видливоста пред несреќата била од 70 до 80 метри. Маглата нагло се згуснала, а автомобилите во коловозната лента во правец кон Бургас се насобрале исклучително брзо. Од другата страна, најверојатната причина за несреќата е забавеното движење на возилата, чии возачи ја намалиле брзината за да видат што се случува – посочи Демерџиев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk