Насилните антивладини протести што со недели ја потресуваат Албанија добија продолжение и во парламентот. Опозициски пратеници денеска запалија сини сигнални ракети, го блокираа пристапот до говорницата и ја прекинаа седницата, додека нивниот лидер Сали Бериша ја обвинуваше власта за насилството врз студентите.
Инцидентот се случи за време на гласањето за закон што се однесува на Централната банка, пренесува „Ројтерс“.
Пратениците на опозициската Демократска партија ја опколија говорницата, а дел од нив држеа фотографии од демонстранти повредени од гумени куршуми. Други активираа сини сигнални ракети, во бојата на партијата.
Бериша упати остри обвинувања кон владејачките пратеници, по што му беше исклучен микрофонот.
– Овие од власта се криминалци и тие заслужуваат солзавец, гумени куршуми, пукнати черепи и скршени коски, а не младите – изјави опозицискиот лидер.
Неговиот настап беше директно поврзан со протестите што од средината на октомври го зафатија центарот на Тирана, а потоа се проширија и во други албански градови.
Студентските протести започнаа поради незадоволството од сомнежите за корупција во владата, недостигот од работни места и нискиот квалитет на образованието.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата