logo
logo
logo

Реакција на Македонскиот национален совет во Србија

СИМБОЛОТ Е ИНКЛУЗИВЕН, НЕ ЕКСКЛУЗИВЕН: „Ако и припадниците на грчкиот народ се препознаваат во овој споменик, не гледаме никаква пречка во тоа“

Vecer | 06.08.2026

СИМБОЛОТ Е ИНКЛУЗИВЕН, НЕ ЕКСКЛУЗИВЕН: „Ако и припадниците на грчкиот народ се препознаваат во овој споменик, не гледаме никаква пречка во тоа“

Од Македонскиот национален совет реагираа дека иницијативата за подигнување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, Србија, нема никаква политичка, територијална, ниту меѓународна конотација, дека станува збор за културен симбол на една заедница и дека препознавањето на Македонците во овој симбол не значи негирање на правото на другите народи да го почитуваат и толкуваат заедничкото историско наследство. Според нив, споменикот треба да биде симбол на сеќавањето и мост за дијалог, а не причина за поделби.

За Македонците во светот, без оглед на тоа во која држава живеат денес, овој симбол претставува сеќавање на корените, традицијата и на културното наследство. Поистоветувањето на Македонците со овој симбол на никаков начин не значи оспорување на правото на кој било друг народ да се поистоветува со истото историско или културно наследство. Напротив, споменикот уште од самиот почеток е замислен како инклузивен, а не ексклузивен симбол. Доколку и припадниците на грчкиот народ се препознаваат во дел од историското и културното наследство што го симболизира овој споменик, не гледаме никаква пречка во тоа. Културните симболи не мора да ги разделуваат народите – тие можат и треба да бидат мостови на меѓусебно почитување, разбирање и дијалог – се наведува во соопштението.

Се додава дека Македонскиот национален совет останува отворен за дијалог со сите добронамерни соговорници.

Веруваме дека јавноста ќе препознае дека иницијативата за подигнување на споменикот „Мајка Македонија“ е исклучиво чин на почит кон предците, зачувување на културниот идентитет, одбележување значаен јубилеј, како и траен симбол на македонската заедница во Република Србија – се нагласува во соопштението.

Иницијативата ја поднесе Националниот совет на македонското национално малцинство по повод 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина. Советот за култура и информирање на Собранието на Нови Сад на 3 август ја разгледа иницијативата и одлучи да побара стручни мислења од ЈП „Урбанизам“ и од градскиот Завод за заштита на спомениците на културата. Идејното решение предвидува бронзена скулптура на жена во традиционална македонска носија, со две деца. Скулптурата би била висока два метри и поставена на постамент од околу 40 сантиметри, а автор на решението е вајарот Синиша Новески. Конечната одлука за иницијативата ќе биде донесена откако Советот за култура и информирање ќе ги добие мислењата од надлежните урбанистички и конзерваторски институции.

Реакцијата на Македонскиот национален совет ви ја пренсеувцаме во целост:

СООПШТЕНИЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ

По повод реакцијата на Граѓанската партија на Грците во Србија и Грчкиот национален совет, на иницијативата на Македонскиот национален совет за подигнување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, сметаме дека е неопходно пред јавноста да ја појасниме суштината на оваа иницијатива, со цел да се отстранат погрешните толкувања и непотребните политички конструкции.

Иницијативата за подигнување на споменикот нема никаква политичка, територијална ниту меѓународна конотација. Таа претставува израз на желбата достоинствено да се одбележат осум децении од организираното доселување на Македонците во Војводина, како и нивниот придонес во развојот на Нови Сад, Војводина и Република Србија.

Називот „Мајка Македонија“ се однесува на симболот на потеклото, татковината, историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ. За Македонците ширум светот, без оглед на тоа во која држава денес живеат, овој симбол претставува сеќавање на корените, традицијата и културното наследство. Поистоветувањето на Македонците со овој симбол на никаков начин не значи оспорување на правото на кој било друг народ да се поистоветува со истото историско или културно наследство.

Напротив – споменикот уште од самиот почеток е замислен како инклузивен, а не ексклузивен симбол. Доколку и припадниците на грчкиот народ се препознаваат во дел од историското и културното наследство што го симболизира овој споменик, во тоа не гледаме никаква пречка. Културните симболи не мора да ги разделуваат народите – тие можат и треба да бидат мостови на меѓусебно почитување, разбирање и дијалог.

Со жалење констатираме дека иницијативата, која е посветена на зачувувањето на идентитетот на една национална заедница во Србија, постои обид да биде претставена како политичка провокација или средство за водење меѓународни спорови. Македонскиот национален совет ниту покренувал, ниту ќе учествува во расправи што го надминуваат неговиот со закон утврден делокруг на работа.

Посебно сакаме да истакнеме дека Македонците во Република Србија, покрај тоа што со гордост го чуваат своето национално потекло, истовремено се и лојални граѓани на Република Србија, кои повеќе од осум децении претставуваат нераскинлив и активен дел од нејзиното општество. Во текот на сите тие години тие дале значаен придонес во стопанскиот, културниот, образовниот и општествениот развој на државата, почитувајќи го Уставот на Република Србија, нејзините закони и негувајќи пријателски односи со сите народи што живеат во неа.

Убедени сме дека негувањето на националниот идентитет на една заедница не може и не смее да биде сфатено како закана за идентитетот на која било друга заедница. Србија својата сила ја црпи токму од богатството на различностите, меѓусебното почитување и правото на сите национални малцинства слободно да ги негуваат својот јазик, култура, традиција и историско паметење.

Македонскиот национален совет останува отворен за дијалог со сите добронамерни соговорници и верува дека јавноста ќе препознае дека иницијативата за подигнување на споменикот „Мајка Македонија“ е исклучиво чин на почит кон предците, зачувување на културниот идентитет, одбележување на значаен јубилеј, како и траен симбол на македонската заедница во Република Србија.

Грчката партија го оспорува и предложеното име на споменикот. Според неа, употребата на називот „Мајка Македонија“ на јавен простор во Србија претставува историски и географски ревизионизам и присвојување на име што партијата го поврзува со грчкото историско наследство. Од партијата оценија и дека поставувањето на споменикот во Нови Сад, град што го носи епитетот српска Атина, би било директна провокација кон Грција и грчкиот народ. Граѓанската партија на Грците потсети и на тоа дека Грција не ја признава независноста на Косово и ја поддржува територијалната целост на Србија, додека Македонија ја призна независноста на Косово.

Има реакции и во Бугарија, каде што иницијативата се толкува како дел од поширокото српско влијание на Балканот, пишува „Актуелно“. Во бугарските реакции се посочува дека традиционалната носија претставена на скулптурата е поврзана со фолклорното наследство на историско-географската област Македонија, поради што споменикот се оценува како провокација кон бугарската историска меморија. Особено внимание предизвикува симболиката на двете деца – едното свртено кон Србија, а другото кон Северна Македонија. Во бугарските оцени ова се толкува како порака за српско влијание во Северна Македонија и како дел од концептот за т.н. српски свет.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk