Бугарија се соочува со сериозна политичка драма откако првиот круг од претседателските избори заврши со целосен дебакл и катастрофално ниска излезеност од едвај 22,2 отсто, останувајќи далеко под потребниот праг од 50 проценти! Според проекциите на институтот „Мјара“, ниту еден кандидат не успеа да освои апсолутно мнозинство, па нов шеф на државата ќе се избира во неизвесен втор круг следната недела меѓу актуелната претседателка Илијана Јотова и прозападниот предизвикувач Андреј Ѓуров.
Иако анкетите предвидуваа убедлива разлика, актуелната претседателка Јотова освои 35 отсто од гласовите, додека докторот по економски науки и прозападен кандидат Андреј Ѓуров постигна изненадувачки висок резултат со освоени 31,9 отсто. Сега клучната битка ќе се води околу тоа кој од нив ќе успее да ги придобие гласачите на кандидатите кои испаднаа од трката.
Изборите се одржуваат во сенка на страшната воена криза во Украина, која е на само неколку стотици километри од бугарската граница. Тензиите во земјата вриеа во пресрет на изборите откако четири трговски бродови беа погодени од беспилотни летала во Црното Море, а во близина на Софија беа запалени и сателитски антени на „Старлинк“, кои се клучни за украинската одбрана. Токму затоа, вториот круг носи геополитички судир – дали Бугарија ќе се насочи кон поцврста прозападна линија за која се залага Ѓуров, или Јотова ќе ја продолжи повздржаната политика на поранешниот премиер Румен Радев, кој јавно се противеше на пакети помош за Украина и формирање меѓународни трибунали.
Иако бугарскиот претседател има релативно ограничени уставни овластувања и не може да го руши премиерот како во Франција, тој сепак ја има улогата на Врховен командант на вооружените сили, управува со државјанствата, ги именува амбасадорите и располага со моќно право на вето за законите од парламентот, поради што оваа трка носи пресудно значење за иднината на источниот фронт на НАТО.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата