Мајли Сајрус и Макс Морандо се венчаа на интимна церемонија на 21 ноември.
Мајли Сајрус и Макс Морандо официјално го кажаа судбоносното „да“. Како што пренесува порталот „Entertainment Tonight“, парот стапи во брак на 21 ноември во Палм Спрингс.

Во јавноста протекоа многу малку детали за самата церемонија, што не е изненадувачки со оглед на тоа што подготовките ги чуваа подалеку од очите на медиумите.
Извор близок до парот уште во март 2026 година за списанието „People“ откри дека тие не сакаат голема прослава, туку сонуваат за „помала и поинтимна“ свеченост.
„Мајли имаше свои замисли за тоа како сака сè да изгледа, но не планираше некаков огромен, традиционален настан. Макс е исклучително повлечен и едноставно не е таков тип на човек. Нивната венчавка беше замислена како нешто помало, што ќе има посебно значење за нив двајцата, а не како голема холивудска продукција“, изјави тогаш изворот.

Пејачката ја потврди свршувачката во декември 2025 година, кога на премиерата на филмот „Avatar: Fire and Ash“, позирајќи со Морандо, за првпат го покажа својот свршенички прстен со дијамант. Во јули оваа година, Морандо за списанието „Wonderland“ откри како се запознале во 2021 година.

„Сем од мојот бенд ’Liily‘ – односно пријател на неговата сестра – ја познаваше Мајли. Тие едноставно ни организираа ’состанок на слепо‘. Од перспектива на Мајли, тоа веројатно не е ни возможно во вистинската смисла на зборот, бидејќи таа е постојано под будното око на јавноста. Но, ако постоеше некаков начин таа да отиде на состанок на слепо, тогаш ова беше најблиску до тоа“, рече тој.
Тие веднаш почувствуваа силна поврзаност уште при таа прва средба и оттогаш, како што вели тој, „едноставно не се разделија“.

На Морандо му требаше одредено време за да се навикне на огромното внимание што Сајрус го привлекува каде и да се појави. „Кога првпат ја запознав, тој дел ми беше прилично чуден. Никогаш претходно немав доживеано луѓе да те чекаат пред локали или во слични ситуации. Но, како што минуваше времето, сега е некако обратно. Дури кога ќе отидеме на некој јавен настан, се сеќавам која е таа всушност. Сепак, сакам да одам со неа на одредени настани за да ја поддржам во сè што прави“, призна Макс.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата