Хосе Карерас ја одушеви многуилјадната публика на плоштадот „Македонија“ во Скопје и ги освои срцата на Македонците каде и да се со придружувањето на македонските музички ѕвезди во изведбата на патриотскиот евергрин „Едно име имаме“ на бардот на македонската народна песна Јонче Христовски.
Оперскиот тенор од светски глас не ги штедеше гласните жици на крајот од концертот во чест на 35-годишнината од независноста на Република Македонија да ги отпее стиховите на македонски јазик што будат огромни емоции кај секој Македонец, а публиката го награди со долготраен громогласен аплауз придружен со скандирање „Македонија! Македонија!“.
Покрај шпанскиот тенор, во македонскиот „дрим тим“ настапија Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски.
И за утре во Скопје е најавен голем музички спектакл по повод 35 години од независноста на државата. Музичкиот проект „Најдоброто од Македонија“ на платото пред Т-Арена („Борис Трајковски“), бесплатно за публиката ги носи Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи и Дина Јашари. Организаторите најавуваат голема аудио-визуелна продукција и концертна атмосфера наменета за сите генерации. Концертот ќе почне во 20 часот.
На 4 септември во главниот град ќе се одржи уште еден спектакл по повод 8 Септември – пристигнува караванот „Силно светнал ден“ кој патувањето низ Македонија ќе го заокружи на Плоштад Македонија со настап на повеќе од 120 артисти. И овој настан, како што е најавено, ќе почне во 20 часот.
„Силно светнал ден“ преку музика, глума и танц, во вид на мултимедијален сценски спектакл, ја раскажува приказната за 35 години независност на Македонија, истакнувајќи ги најзначајните историски моменти, подемите, предизвиците и достигнувањата од изминатите три и пол децении.
Караванот почна од Охрид, на 9 август и посети 11 градови низ државата, а дел од него се познати македонски изведувачи и актери.
Прославата по повод 35 години независност на Македонија ќе финишира на Денот на независноста, на 8 септември со настапот на светски понзатиот диџеј и продуцент на хаус музика, Давид Гета на стадионот „Тоше Проески“. Гета ќе настапи со неговата светска продукција „The Monolith Stadium Show“, најголемо шоу во Европа, па и во светски рамки од музички и од продукциски аспект.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата