ОТВОРЕНА ИСТРАГА ПРОТИВ ХУЛИО ИГЛЕСИЈАС, сведочењата закажани за 2027 година

Vecer | 19.11.2026

ОТВОРЕНА ИСТРАГА ПРОТИВ ХУЛИО ИГЛЕСИЈАС, сведочењата закажани за 2027 година
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Шпанскиот Висок суд отвори кривична истрага против пејачот Хулио Иглесијас по пријава од две поранешни вработени, кои го обвинуваат за кривични дела против сексуалната слобода, физички напади и понижувачки третман. Одлуката ја донесе судијата Антонио Пиња, кој оценил дека доставените материјали даваат доволна основа за започнување истрага.

Жените тврдат дека инцидентите се случувале во 2021 година, додека работеле во имотите на пејачот во Доминиканската Република и на Бахамите. Едната била домашна помошничка, а другата физиотерапевтка. Според нивните искази, биле изложени на несакани допири, сексуални напади, навреди и понижувања, во атмосфера на постојана контрола и вознемирување.

Обвинувањата станаа јавни во јануари годинава, по тригодишна истражувачка работа на шпанскиот портал „Ел Дијарио“ и телевизиската мрежа „Унивисион“. Новинарите разговарале со 15 поранешни вработени на пејачот, кои опишале изолација, строга хиерархија меѓу персоналот и напната работна атмосфера. Двете жени што го пријавиле сексуалното насилство ги повторувале своите искази во текот на повеќе од една година, а новинарите наведоа дека тие биле поткрепени со фотографии, телефонски повици, пораки, медицински извештаи и други документи.

Во образложението на одлуката, судот навел дека покрај сведочењата била доставена и фотографија на која се гледа модринка на раката на една од жените, како и две траги на бутот што би можеле да одговараат на каснување. Во пријавата се тврди дека повредите настанале за време на сексуални дејствија на кои била принудувана. Судијата нагласил дека овие материјали се основа за истрага, но не претставуваат конечен заклучок за веродостојноста на обвинувањата.

Случајот претходно беше запрен од обвинителството, кое во јануари оцени дека шпанските судови немаат надлежност бидејќи наводните дела се случиле во странство, а жените немаат врска со Шпанија. Потоа, со поддршка на меѓународната организација „Women’s Link Worldwide“, тие поднесоа директна тужба до Високиот суд. Судијата прифати да ги истражува наводите за сексуални дела, напади и понижувачки третман, но ги отфрли деловите што се однесуваат на трговија со луѓе и кршење на работничките права.

Двете жени се повикани лично да сведочат на 3 февруари 2027 година. Иглесијас претходно ги нарече обвинувањата целосно невистинити и изјави дека никогаш не злоупотребувал, принудувал или не почитувал жена. Неговите претставници не одговориле веднаш на барањето на Ројтерс за коментар по најновата одлука на судот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk