Регионалната сензација Јаков Јозиновиќ ја најави својата турнеја за 2026 година „Ја за чуда летим“, во чии рамки тој за првпат ќе настапи во Скопје – на 9 април во Арена „Јане Сандански“! Билетите се пуштаат во продажба во среда, 3 декември во 12:00 часот преку mktickets.mk !
Неодамна Јаков ги објави и своите први два сингла „Поље ружа“ и веќе најслушаниот хит во целиот регион „Ја волим“ кој за неколку дена само на Јутјуб оствари 7 милиони прегледувања, а во Македонија се искачи на самиот врв на листата на најслушани песни на Епл мјузик. Со овие изданија Јаков го најави новото поглавје во својата музичка кариера, кое ја вклучува и големата регионална турнеја.
Во рамки на турнејата тој ќе одржи концерти во Арена Загреб, дури пет концерти во Сава Центар (Белград), како и настапи во Скопје, Нови Сад, Риека, Сплит, Осиек и Љубљана.
По низа распродадени концерти и извонредни успеси за рекордно време, Јаков Јозиновиќ уште еднаш докажува дека е една од најголемите сензации на современата популарна музичка сцена во регионот.
Во пресрет на неговиот премиерен концерт во Македонија, Јаков Јозиновиќ го потврди и ексклузивното гостување во Скопје, каде што, покрај медиумските активности, тој ќе организира и специјален настан за дружење со своите македонски фанови, во четврток, 26 февруари, во Скопје Сити Мол со почеток во 18:00 часот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата