Дражен Шолц (65) од Загреб, поранешен тапанар на бројни хрватски рок-групи, како „Филм“, „Прљаво казалиште“ и „Парни ваљак“, ќе мора да ги мине следните четири и пол години зад затворските решетки бидејќи пред девет години од небрежност предизвика сообраќајна несреќа во која загина пешакот Вјеран Дасовиќ, а потоа побегна од местото на настанот без да му пружи помош на повредениот.
Три дена подоцна, жртвата им подлегна на добиените повреди во болница.
Ова е правосилна одлука на Високиот кривичен суд на Република Хрватска, кој ја поостри првичната единствена казна од три години затвор, која кон крајот на ноември 2023 година му ја изрече Жупанискиот суд во Загреб.
Да потсетиме, Шолц беше двапати неправосилно осудуван за несреќата што ја предизвика во 2017 година на улицата „Илица“ во Загреб, кога на пешачки премин удри пешак, а потоа се оддалечи од местото на настанот.
Со првата пресуда беше утврдено дека возел под дејство на алкохол и наркотици, поради што беше осуден на четири и пол години затвор. Тогаш му беше изречена и забрана за управување со возило во траење од пет години.
Бараше укинување на пресудата
Меѓутоа, на повтореното судење од обвинението беа отстранети наводите за алкохол и дрога, па казната беше намалена на три години затвор.
Шолц потоа поднесе жалба, барајќи укинување на пресудата и ново судење, ослободување од одговорност или поблага казна. Како еден од аргументите ја наведе и фактот што повеќе не настапува во бендови.
Високиот кривичен суд ги одби сите негови наводи, но ја прифати жалбата на Државното обвинителство која се однесуваше на висината на казната и мерката за забрана за возење.
Судот заклучи дека постои опасност Шолц повторно да ја загрози безбедноста во сообраќајот, бидејќи грубо ги прекршил сообраќајните прописи предизвикувајќи несреќа на обележан пешачки премин, која го имаше најтешкиот можен исход.
Поради тоа, покрај затворската казна од четири и пол години, му е изречена и забрана за управување со моторни возила во траење од две години по отслужувањето на казната.
Во образложението на пресудата се наведува дека Шолц го напуштил местото на несреќата без да му пружи помош на повредениот, со што покажал целосна безобзирност, како и недостаток на хуманост и пиетет кон жртвата.
Полицијата го пронашла осум часа по несреќата. Според наводите од пресудата на Високиот кривичен суд, тој не се пријавил сам во полиција, како што тврдеше, туку се обидел да побегне.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата