Секогаш доминантна и полна со изненадувања Бојана Скендеровски повторно има нешто ново - овој пат во прашање е моќната приказна трансформирана во емотивна мелодија. Видео записот за новата песна со наслов „Зад завесите“ денес премиерно ќе ја има својата онлајн промоција.
Приказната за отсуството на емпатијата во светот полн со предрасуди е дел од новиот проект, со кој започнува низата на дополнителни изненадувања, коишто Бојана ќе ги претстави на публиката оваа година.
„Чувството да се биде повторно во етер е секогаш слатко задоволство, а најмногу поради можноста преку музиката како уметност да споделам вистински емоции и порака за важни теми, коишто сметам дека е потребно да се дискутирани во општеството. Да пренесам размислување и став преку мелодија, да се искажам емотивно, можам единствено на најдобриот начин на којшто умеам – преку песна. Сакам да се заблагодарам на целиот тим, којшто ја поздрави и прифати идејата на новата Бојана, проект којшто со голем предизвик и ентузијазам го најавувам за започнат со „Зад завесите’’. За оваа година си поставив цел да го споделам со јавноста сето она кое веќе неколку години созрева во мене, а тоа е еден поинтензивен и помоќен стил на носење порака до гледачите“, вели Бојана.
Зад проектот стои искусен тим. Така, спотот е во режија на Александар Ристовски - Принц, кој со својот ексцентричен и секогаш уникатен стил со доминантни и директно прикажани симболи, на едноставен начин ја пренесува вистинската суштина на меланхолијата на самата песна, музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов, а текстот е на Ксенија Николова.
„Пред околу една година, текстот го напишав во еден здив. Емоциите се испишаа скоро сами во строфите на песната, а произлегоа од мислата за сите луѓе, кои се во животот на еден човек, но се всушност и публика, набљудувачи, коментатори и судии. Сфатив колку малку луѓето ја разбираат туѓата болка и колку им е полесно да го дефинираат човекот според своите очекувања, наместо вистински да слушаат, да бидат внимателни. Сржта на песната е отсуството на емпатијата во светот полн со предрасуди и секој стих е дамски начин на пренесување на главната порака, којашто Бојана ја доловува совршено со својот доминантен и препознатлив глас“, вели Николова.
„Кога се обраќаш кон самиот себе во потрага по одговорите, е суштинскиот двигател во самиот видео запис. Бидејќи се оддалечивме едни од други, но најмногу се оддалечивме од себе. Сѐ што ни се случува е рефлексија од нашата внатрешна состојба“, се надоврзува Принц.
„Зад завесите“ својата премиера ќе ја има вечерваво 19:30 часот на официјалниот YouTube канал на Скендеровски продукција:
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата