logo
logo
logo

Тара ѝ даде нов живот на „Прва љубов“, песна што пред повеќе од пет децении ја отпеал татко му

Vecer | 27.07.2026

Тара ѝ даде нов живот на „Прва љубов“, песна што пред повеќе од пет децении ја отпеал татко му

Ова е песната којашто ќе ви го успори животот за момент, ќе ве натера да се насмевнете без никаква причина, а притоа ќе продолжите да уживате во текот на денот…“ Со овие зборови започнува новото музичко патување на Александар Тарабунов – Тара, кој пред публиката ја претставува „Прва љубов“ – песна што носи посебна емоција и семејна приказна.

Станува збор за композиција првпат изведена во далечната 1973 година на фестивалот „Скопје“, во интерпретација на неговиот татко Ванчо Тарабунов. Повеќе од пет децении подоцна, песната добива нов живот, задржувајќи ја својата искреност, но и добивајќи современ музички израз.

Идејата за оваа преработка, раскажува Тара, се родила сосема спонтано. Прелистувајќи и преслушувајќи стари албуми од својот татко, Тара повторно ја открил „Прва љубов“. Веднаш почувствувал дека оваа песна заслужува повторно да биде слушната и од новите генерации.

Дека изборот бил вистински, најдобро потврдува реакцијата на неговиот татко. Кога ја слушнал новата верзија, тој не успеал да ги сокрие емоциите и солзите радосници.

Кога ја открив песната меѓу старите снимки на татко ми, веднаш почувствував дека има нешто безвременско во неа. Тоа е една позитивна песна, исполнета со убавина и топлина, и посакав повторно да ја оживеам. Најголемата потврда дека сум ја донел вистинската одлука беше моментот кога му ја пуштив. Неговите солзи радосници ми значеа повеќе од кој било комплимент. Ова е мој подарок за сите што го сакаат Скопје и затоа одлучив да ја претставам токму на денот кога градот ја одбележува годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Сакам барем за миг да нè потсети на убавите спомени, но и на љубовта што овој град секогаш ја буди во сите нас“, вели Тара.

Видеозаписот, во режија на Зоран Стојановски – Зонде, носи силна визуелна симболика. Во него се испреплетуваат архивски кадри од старо Скопје со снимки од денешниот модерен град, создавајќи емотивна паралела меѓу минатото и сегашноста. Дел од сцените се снимени на препознатливи и култни скопски локации, кои со децении претставуваат дел од идентитетот на градот.

„Прва љубов“ е дело на легендарните автори Драган Ѓаконовски – Шпато, кој ги потпишува музиката и аранжманот, и Благоја Стефановски, автор на текстот. Новата преработка ја реализираа Тара и Роберт Билбилов, придружните вокали ги отпеа Тамара Тодевска, а режијата на видеозаписот ја потпишува Зонде.

Со оваа преработка, Тара не само што оддава почит на музичкото наследство на својот татко, туку потсетува дека добрата песна не познава време. Добрата песна само чека повторно да биде откриена.

Затоа уживајте во откривањето на „Прва љубов“: 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk