logo
logo
logo

Зад сцената на големата кариера: РОБИ ВИЛИЈАМС ПРОЗБОРЕ ЗА АУТИЗМОТ И ЗАСТРАШУВАЧКИТЕ МИСЛИ

Vecer | 14.08.2026

Зад сцената на големата кариера: РОБИ ВИЛИЈАМС ПРОЗБОРЕ ЗА АУТИЗМОТ И ЗАСТРАШУВАЧКИТЕ МИСЛИ

Роби Вилијамс за првпат јавно откри дека му е дијагностициран аутизам. Славниот пејач вели дека дијагнозата му помогнала подобро да се разбере себеси, а без задршка прозборе и за наметливите мисли поради кои неговиот ум понекогаш заминува во застрашувачки сценарија.

Роби Вилијамс со години многу отворено зборува за менталното здравје, АДХД (нарушување на вниманието со хиперактивност) и за проблемите со кои се соочувал зад сцената на својата огромна кариера, а сега откри уште еден детаљ кој, како што вели, му помогнал да склопи некои коцки.

На претставувањето на есенско-зимската колекција на својот моден бренд Hopeium во Flannels, 52-годишниот пејач изјави дека неодамна му бил дијагностициран аутизам. Веста ја откри за време на разговорот со публиката, притоа на својот препознатлив начин послужувајќи се со хумор за да опише што му значи новата дијагноза.

„Имам АДХД, а штотуку дознав и за аутизмот, за што всшност ми е многу мило бидејќи објаснува толку многу работи“, рече Вилијамс. „Тоа сега ми е карта за излез од затвор. За сите чудни работи што ги правам, едноставно велам дека сум аутистичен“, се нашали тој. Зборувајќи за АДХД, објасни дека кај него постои голема разлика меѓу она што целосно ќе го заземе и сè останато. „Со АДХД можете на нешто да се фокусирате илјада проценти, но со сè друго едноставно не можете. Прашајте ги моите деца“, рече тој.

Креативноста му помага да ги стивне наметливите мисли

Вилијамс вели дека со текот на времето научил својот исклучително активен ум да го насочува кон креативноста. Најмногу, истакнува тој, го окуоираат создавањето визуали и хуморот, бидејќи токму таквите проекти му помагаат да не остане заробен во сопствените мисли. „Целосно сум опседнат со создавање слики и смислување смешни работи. Кога го правам тоа, не размислувам за себе. Мојот мозок е неверојатно креативен, но може да биде креативен и кога станува збор за сè поради што можете да фатите паника или да се престрашите“, објасни тој.

Како пример наведе ситуација што неодамна му се случила во авион. Почнал да размислува за тоа што би се случило доколку има телекинетички моќи, па неговите наметливи мисли би можеле да „го натераат авионот да се сруши“. „Тоа е нивото на лудило со кое се носам. Затоа е најдобро мозокот да се тренира да прави нешто корисно наместо да се грижам дали имам натприродни моќи со кои можам да срушам авион“, рече тој.

Неговото ново признание е посебно интересно поради тоа што уште во октомври минатата година зборуваше дека мислел оти има аутизам, но тогаш рече дека интернет-тестот не ги потврдил неговите сомнежи, туку укажал на одредени аутистични црти. Сега за првпат јавно рече дека ја добил дијагнозата.

Со години се обидува да пронајде одговори

Вилијамс и претходно отворено зборуваше за наметливите мисли. Во октомври 2025 година, во подкастот „I'm ADHD! No You're Not“, рече дека верува оти тие се дел од она што тој го опишува како Туретов синдром, кој кај него не се манифестира однадвор. „Сфатив дека имам Туретов синдром, само што не излегува надвор. Тоа се наметливи мисли што се случуваат“, рече тој тогаш.

Притоа откри и дека дури ни десетици илјади обожаватели на стадионите не успеваат да го стивнат она што се случува во неговата глава.

„Би помислиле дека стадион полн со луѓе кои ви искажуваат љубов би можел да помогне, но што и да е во мене, тоа едноставно не го слуша тоа. Не можам да го примам тоа“, рече тој. Туретовиот синдром медицински се поврзува со ненадејни и повторувачки моторички или вокални тикови, па зборовите на Вилијамс претставуваат негов личен опис на искуството.

Пејачот со години зборуваше и за АДХД, за кој, како што претходно раскажа, дијагнозата му била поставена повеќепати. За време на кариерата не ги криеше ниту проблемите со зависноста и периодите поминати на рехабилитација. И покрај децениите настапување пред распродадени арени и стадиони, Вилијамс претходно откри дека настапите во живо сè уште можат сериозно да го исплашат. Токму затоа, вели тој, и понатаму се обидува да пронајде начини подобро да го разбере сопствениот ум, а креативноста стана еден од неговите најважни алатки.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk