Симона Поповска на јавноста ѝ ја претстави својата нова емотивна поп-балада насловена „Небитен“. Станува збор за композиција која ја раскажува приказната за моментот кога сфаќаме дека сме станале небитни за некој што сè уште ни значи. Автор на музиката и аранжманот е Панче Касапски, додека текстот е со потписот на Кристина Зимбакова-Маркоски. Зад продукцијата, миксот и мастерингот стои Дулелуд, во соработка со самата Симона, која учествува и во придружните вокали. И тука не завршува целиот ангажман на Симона, овојпат таа се погрижи самата и за изгледот и изборот на модните комбинации, односно уникатните одела на Сигнори.
Видеото, пак, е снимено во планинскиот еко центар Grizzly - уникатна дестинација на најубавиот видик на езерото Козјак, а во продукција на 20TWO Studio под режисерската палка на Крсте Шупев. Кадрите ја следат внатрешната трансформација на една жена која однадвор изгледа смирено и контролирано, но останува затворена во сопствената тишина, стабилна однадвор, а скршена однатре.
Стиховите „Тажно е што не те ни боли…“ и „Да поверувам, небитен си“ добиваат силна визуелна тежина, претворајќи ја песната во приказна за најтешката битка, прифаќањето дека си станал небитен за некој кој сè уште ти значи. Зашто „Небитен“ е приказна за љубовта што тивко крши и за храброста да прифатиш дека повеќе не си нечие „сè“.
„Небитен“ веќе е достапна на сите дигитални платформи, а видеото може да се погледне на официјалниот YouTube канал на Симона Поповска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата