Со 40 фестивалски денови, 48 настани и учество на повеќе од 700 уметници од 24 земји, фестивалот „Охридско лето“ го заокружи 66 издание со богата музичка, театарска и балетска програма.
Од управата на фестивалот оценуваат дека и годинава „Охридско лето“ го потврдило статусот на еден од најпрепознатливите македонски културни брендови, со значајно меѓународно присуство и публика од земјата и странство.
Во рамки на фестивалската програма беа реализирани концерти, театарски и балетски претстави, камерни и вокално-инструментални концерти, како и четири џез-вечери.
Голем интерес предизвика свеченото отворање со оперската гала „Љубов“, на која настапија оперските уметници Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново со оркестарот на Националната опера и балет. Според организаторите, настанот бил распродаден две недели пред почетокот на фестивалот, а го проследиле повеќе од 4.000 посетители.
Од „Охридско лето“ наведуваат дека и голем број други настани биле распродадени пред нивното одржување, што, според организаторите, е потврда за големиот интерес на публиката.
– Зад нас се четириесет дена исполнети со врвна уметност, прекрасни концерти, силни емоции и публика која беше најголемиот успех на ова фестивалско издание. Особено ме радува што интересот беше огромен уште од самиот почеток, а голем број настани беа распродадени и пред да се одржат – вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Посебно место во програмата имаше „OH, JAZZ 2026“, во рамки на кој настапија повеќе реномирани музичари, меѓу кои Нубаја Гарсија и Питер Сомуа.
Фестивалската програма опфати и театарски претстави, балетски вечери, камерни и вокално-инструментални концерти, како и содржини посветени на македонското културно наследство.
Меѓу настаните кои предизвикаа голем интерес кај публиката беа концертите на Стефан Миленковиќ, Ана и Игор Дурловски и Националниот џез-оркестар.
Цуцковски упати благодарност до уметниците, фестивалскиот тим, публиката, Министерството за култура и туризам, како и до партнерите и спонзорите за поддршката на годинешното издание.
– „Охридско лето“ продолжува со уште поголема одговорност, уште повисоки стандарди и со јасна цел оваа македонска културна визит-карта да биде уште посилна и повидлива во светот – додава Цуцковски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата