logo
logo
logo

Меморандум за соработка меѓу Македонското Друштво на Писатели со Македонскиот КИЦ во Софија

Vecer | 07.08.2026

Меморандум за соработка меѓу Македонското Друштво на Писатели со Македонскиот КИЦ во Софија

Македонскиот Културно-информативен центар во Софија и Друштвото на писателите на Македонија потпишаа Меморандум за соработка, со што, информираат од Центарот.

„Воспоставена е цврста основа за понатамошно унапредување на соработката во областа на културата, книжевноста и промоцијата на македонското духовно и литературно творештво“.

Меморандумот го потпишаа директорот на КИЦ на Република Македонија во Софија, Зоран Пејковски, и претседателката на ДПМ, Гордана Јовиќ-Стојковска.

Со потпишувањето на овој документ двете институции ја потврдија својата заедничка определба за воспоставување долгорочно партнерство, засновано врз заемна поддршка, размена на искуства и реализација на заеднички проекти од национално и меѓународно значење. Меморандумот предвидува развивање на соработка во организирањето книжевни промоции, авторски средби, трибини, научни конференции, изложби, литературни фестивали, преведувачки проекти, издавачки иницијативи и други културни содржини кои ќе придонесат за афирмација на современата македонска литература и нејзино претставување пред меѓународната јавност. Истовремено, документот отвора можности за продлабочување на соработката меѓу писателите, книжевните истражувачи, преведувачите и културните работници, како и за заедничко аплицирање на проекти од национален и меѓународен интерес, додаваат од КИЦ, Софија каде што е потпишан меморандумот.

Од Македонскиот културно-информативен центар во Софија посочуваат дека и во иднина ќе се создава простор за претставување на најзначајните достигнувања на македонската книжевност како и воспоставување нови партнерства со релевантни културни институции.

„Во таа насока, соработката со Друштвото на писателите на Македонија претставува значаен исчекор кон уште посистематска промоција на македонските автори и нивното творештво“, стои во објавата.

Претседателката на ДПМ пак Јовиќ-Стојковска, на центарот му предала донација од изданијата на Друштвото на писателите на Македонија, наменета за библиотеката на организацијата, кои ќе бидат достапни за посетителите, студентите, истражувачите и сите љубители на македонската книжевност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk