Легендарниот британски музичар Фил Колинс откри дека во последните години имал тешка борба со алкохолизмот, кој речиси го чинел живот.
Во искрено интервју тој сподели дека лекарите во еден момент размислувале дали да го одржуваат во живот со помош на апарати, откако му откажале бубрезите и другите органи.
Во разговор за The Sunday Times, Фил Колинс изјави дека повторно почнал да пие откако престанал да зема блокатор кој предизвикува силна мачнина и други непријатни реакции доколку лицето консумира алкохол. Овој лек го користел уште од поранешниот период на борба со алкохолизмот.
Музичарот призна дека почнал да пие вино уште со појадокот, а прекумерната консумација на алкохол довела до сериозно нарушување на здравјето. Во ноември 2023 година завршил во болница, каде што поминал дури седум месеци поради оштетување на панкреасот и бубрезите.
„Се носеа одлуки како: 'Дали да го одржуваме Фил на апарати за живот?' Бубрезите ми откажуваа, органите престануваа да функционираат. Луѓето доаѓаа да се простат од мене. Но јас воопшто не се сеќавам на тоа, немав поим што се случува. Сите беа уплашени дека повеќе никогаш нема да ме видат. Сè можеше да заврши многу полошо“, изјави Колинс.
Тој додаде дека имал огромна среќа што закрепнал.
„Бев многу среќен што се извлеков од сето тоа. Се подразбира дека од тогаш немам испиено ниту една капка алкохол“, рече тој.
Колинс и порано зборуваше за проблемите со алкохолот. Уште во 2015 година, во интервју за Rolling Stone, призна дека почнал прекумерно да пие по разводот од третата сопруга, Оријан Севеј, во 2006 година, пренесува Гардијан.
„Оддеднаш имав многу слободно време да размислувам за сè што се случи. Поминав низ многу мрачни периоди и премногу пиев. Деновите ги минував гледајќи телевизија и пиејќи, и тоа речиси ме уби. Но тогаш веќе три години немав вкусено алкохол“, раскажа тој.
Фил Колинс се соочува и со други здравствени проблеми
Последните години Колинс се соочува и со бројни други здравствени проблеми. Имаше сериозни компликации со вратот и рбетот, поради кои мораше да оди на операции, а последица од сè е тоа што повеќе не може да свири тапани.
Поради тоа, за време на прошталната турнеја на групата Genesis во 2021 година, тој настапуваше исклучиво како пејач, додека зад тапаните седеше неговиот син Николас.
Уште во 2016 година објави дека болува од дијабетес.
Пред концертите на групата Genesis во 2021 година, тој изјави за Гардијан дека здравствената состојба го променила начинот на кој настапува.
„Секако дека моето здравје менува многу нешта. Тоа што настапувам седејќи исто така го менува концертот. Но за време на моите последни соло турнеи сфатив дека тоа не ѝ пречеше на публиката. Луѓето и понатаму внимателно слушаа и реагираа. Не требаше вака да изгледа, но тоа е реалноста сега“, рече тој.
Фил Колинс се смета за еден од најуспешните британски музичари на сите времиња. Откако ја презеде улогата на главен пејач на групата Genesis од Питер Гејбриел, му помогна на бендот од прогресивен рок состав да прерасне во еден од најголемите светски хит-мејкери. Во текот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години, Genesis имаше пет последователни албуми на првото место на британската топ-листа.
Еднакво успешна беше и неговата соло кариера. Во истиот период објави уште четири албуми кои го освоија првото место во Обединетото Кралство, а меѓу неговите најголеми хитови се наоѓаат „Against All Odds“, „Easy Lover“ и „In the Air Tonight“.
Неговиот последен соло албум, „Going Back“, беше објавен во 2010 година. Потоа се повлече од музичката сцена на четири години, но се врати во 2015 година.
Тогаш за Rolling Stone објасни дека токму децата го мотивирале повторно да настапува.
„Моите деца сега имаат 10 и 14 години и сакаат да видат со што се занимава нивниот татко. Кога последен пат бев на турнеја, сè уште носеа пелени. Ја сакаат мојата музика и би сакал да ги земам со себе за да можат и тие да уживаат во сето тоа“, рече Колинс.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата