Македонскиот музичар и автор Драган Величковски - Тајзи ја претстави својата најнова песна „Mama/Abba“, моќна музичка приказна која допира до најдлабоките човечки вредности и потсетува на она што е навистина важно во животот. Песната ја носи пораката за значењето на семејството, почитта кон мајката и таткото како темели на секое здраво општество, но и за духовната поврзаност на човекот со Бог – како извор на љубов, вера, надеж и сила што нè води низ животните предизвици.
Музиката и текстот се дело на Тајзи, а аранжманот го потпишува Иван Јованов – Iwayo, кој стои и зад миксот и мастерингот на песната.

Видеоспотот, кој веќе предизвикува силни реакции кај публиката, е еден од најамбициозните проекти во кариерата на Тајзи. Под режисерската палка на Даниел Јовески, со сценарио на самиот Тајзи и камера на Кристијан Теодоров, визуелната приказна е снимена на неколку од најзначајните македонски културно-историски локалитети во Охрид и Ресен, и тоа Заливот на коските, Плаошник, Свети Наум, Самоиловата тврдина и Домот на култура „Сарај“.

Низ кадри што одземаат здив, спотот на епски начин ја прикажува богатата македонска историја, традиција и духовност, создавајќи силна врска помеѓу минатото, сегашноста и вредностите што треба да ги пренесеме на идните генерации.

„Mama/Abba“ не е само песна, таа е потсетник на корените, на љубовта што нè обликува и на верата што нè држи исправени кога е најтешко. А ако ова е само почетокот на едно ново и големо поглавје за Тајзи, останува да видиме што ќе биде неговиот следен чекор. Судејќи по енергијата што ја носи овој проект, можеби публиката наскоро ќе има уште една причина за заедничка средба и музичка дружба зачинета со силни емоции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата