„Еј жено, храбро срце носиш“ – новата емотивна балада на Елена Велевска со моќна порака за жените

Vecer | 09.03.2026

„Еј жено, храбро срце носиш“ – новата емотивна балада на Елена Велевска со моќна порака за жените
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

„Еј жено надеж се гаси ко ранета срна во снегот, очајот не ти е брат – разбуди го ѕверот...

Еј жено... гордо исправи се, немој за милост да молиш...“

Со овие силни стихови започнува новата емотивна балада на Елена Велевска – песна со симболичен наслов „Еј жено“, песна со моќна порака за силата, достоинството и храброста на жената, која пејачката ја објави токму на Меѓународниот ден на жената и им ја посвети на сите жени и мајки.

Станува збор за моќна композиција со силна порака за достоинството, храброста и силата што секоја жена ја носи во себе. Баладата зборува за падовите, разочарувањата и борбите со кои се соочува секоја жена низ животот, но и за силата повторно да се исправи, со крената глава и со верба во себе.

„Еј жено, храбро срце во градиве носиш жено...

немој да дозволиш денес да не ти е денот...“

Токму таа емоција и искреност Елена маестрално ја пренесува во интерпретацијата, претставувајќи се во едно поинакво, подлабоко и посензитивно музичко светло. Новата песна носи една нова, зрела и силна Елена, со енергија што можеби навестува и нов правец во нејзината музичка кариера.

Интересна е и самата приказната околу создавањето на песната. Текстот, чиј автор е Љупче Василев, е напишан пред околу пет години. Пред три години тој ѝ го покажал на Елена, а нејзината реакција била кратка и јасна – „Чувај ми го“. Песната трпеливо го чекала својот момент, сè до неодамна кога Василев повторно ја потсетил дека стиховите сè уште ја чекаат.

И како што се вели „кога нешто треба да се случи, едноставно се случува“, така и оваа емотивна балада конечно го доби својот вистински момент.

Музиката, аранжманот и целокупната продукција се дело на Дејан Момироски, додека видеото е реализирано во соработка со Томато продукција.

„Ова е една од најпосебните песни во мојата досегашна кариера. Долго го чекаше својот момент и ете се случи. Многу е поразлична од она што досега сум го работела, но се пронајдов во неа. Како да е пишувана токму за мене“, вели Велевска, не криејќи го задоволството од финалниот производ и признавајќи оти силно верува во песната.

Со „Еј жено“ Елена испраќа порака до сите жени – да бидат храбри, горди и никогаш да не дозволат животот да им ја одземе силата.

А стиховите - „Еј жено љубовта умре, но нова пак ќе се роди, животот еден е – не давај да те боли...“ се само нежен, но силен потсетник дека секоја жена, без оглед на искушенијата, во себе носи сила повторно да се исправи и да продолжи напред.

„Еј жено“ е веќе достапна на сите дигитални платформи, а видеото може да се погледне на официјалниот YouTube канал на Елена Велевска.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk