Она што Јелена Розга го најави пред концертот – дека Охрид има посебно место во нејзиното срце – публиката ѝ го возврати на најубав можен начин. Точно една година по минатогодишниот концерт, на истиот датум и на истата сцена, Античкиот театар повторно беше сведок на вечер исполнета со емоции, хитови и атмосфера што долго ќе се памети.
Повеќе од два и пол часа Розга пееше без престан, а на публиката како да не ѝ беше доволно, па ја врати на бис. Обожавателите ја пречекаа со транспаренти, во еден глас ги пееја нејзините песни, а не изостанаа ниту солзи, прегратки и силни емоции што уште еднаш покажаа колкава е љубовта меѓу Розга и македонската публика.

„Прекрасно си поминав. Навистина ова не е додворување, но Охрид е посебен. Публиката овде ме воодушевува секојпат и ми дава неверојатна енергија. Ви благодарам за љубовта“, изјави Розга веднаш по концертот.

И кога концертот заврши, дружењето продолжи. Таа долго остана со своите обожаватели, трпеливо се фотографираше и разговараше со нив, па едвај успеа да го напушти Античкиот театар.

Концертот, во организација на „Евентум“ продукција, уште еднаш потврди дека кога Јелена Розга настапува во Охрид, резултатот е музички спектакл што се памети долго.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата