logo
logo
logo

СВЕТОТ ВО ТРАНС ПО СЕЛИН ДИОН: Побарувачката за карти е поголема од капацитетот на 100 концерти

Vecer | 03.04.2026

СВЕТОТ ВО ТРАНС ПО СЕЛИН ДИОН: Побарувачката за карти е поголема од капацитетот на 100 концерти

Враќањето на Селин Дион на сцената во Париз предизвика незапаметен интерес кај публиката, а побарувачката за влезници се опишува како историска. Канадската музичка дива во понеделникот навечер, на својот 58-ми роденден, најави десет ексклузивни настапи во париската „Ла Дефанс“ (La Défense) арена, кои ќе се одржат од 12 септември до 14 октомври.

Во париското седиште на нејзиниот продуцент AEG не можат да го сокријат воодушевувањето.

„Ова е лудило, вистинска помама, историски момент!“, коментираа тие ден по објавата. Од AXS, службата за продажба на влезници на AEG, порачаа дека нивниот систем „совршено го издржал овој исклучителен притисок“, пишува Le Parisien.

Францускиот весник објави дека имало дури „9 милиони регистрации за обид да се купат влезници“. Доколку оваа информација е точна, тоа би можело да биде светски рекорд.

Џеки Ломбард, која ги продуцира настапите на Селин Дион во Франција од 2016 година и е заслужна за гостувањата на Мадона и Мајкл Џексон, исто така е зачудена.

„Вакво нешто досега немам доживеано“, изјави таа. „Побарувачката е толку голема што Селин би можела да одржи и стотина концерти! Цела ноќ не спиев. Добив десетици пораки од Соединетите Американски Држави и Англија. Запрепастена сум од лудилото што го предизвика ова.“

Незапаметени бројки и напад од ботови

А бројките ги потврдуваат нејзините зборови. Само еден час по видео пораката на Селин Дион во понеделникот навечер, на нејзината официјална страница celinedion.com веќе чекале 500.000 луѓе.

До вторник напладне, според достапните информации, се регистрирале повеќе од милион корисници од целиот свет, а забележани се и повеќе од 10 милиони обиди за поврзување на таканаречени ботови – компјутерски роботи кои во текот на ноќта се обидуваат да обезбедат влезници за подоцна да ги препродадат по значително повисоки цени на црниот пазар.

Од организацијата порачуваат дека токму затоа ваквиот систем на проверка е неопходен.

Пријавите сега се завршени и веќе е предоцна за сите кои сакаа да си ја пробаат среќата и да обезбедат влезници за еден од десетте концерти. За десетте настапи во продажба се вкупно 330.000 влезници, со оглед на тоа што салата секоја вечер прима по 33.000 посетители. Цените се движат од 89,50 до 298,50 евра.

Борба со синдромот на вкочанета личност

Синдромот на вкочанета личност (Stiff Person Syndrome) со кој се бори Дион е ретко невролошко нарушување кое предизвикува вкочанетост на мускулите и болни грчеви кои повремено се јавуваат и можат со текот на времето да се влошат. Дион претходно детално опиша како болеста влијаела на нејзиниот препознатлив глас.

Пејачката на хитот „My Heart Will Go On“ првпат во 2022 година откри дека боледува од овој синдром, поради што го откажа остатокот од својата турнеја. Во емотивната објава тогаш објасни: „За жал, тие грчеви влијаат на секој аспект од мојот секојдневен живот. Понекогаш ми го отежнуваат одењето и не ми дозволуваат да ги користам гласните жици за пеење на начинот на кој сум навикната.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk