Познатиот автор и тв-водител Мирослав Кацаров денес го промовираше стартот на втората сезона од неговото шоу Вечер по 8. Тој откри дека втората сезона ќе оди ударно во сабота од 20:00 на Тв Алфа и репризно во недела. Го најави и новото телевизиско студио кое ги задоволува сите светски стандарди за ваков тип на ноќна шоу програма...
- Кога можат политичарите да држат пресови за се и сешто, па можеме и ние драги колеги да се собереме за прес на македонски телевизиски бренд. И вие и јас толку многу низ годините правиме за македонската музика, забава, спорт и култура па заслужуваме и ние да се собереме на прес, ја најави Кацаров во нему познат стил својата промоција на втората сезона.
На почетокот кусо ја раскажа и својата медиумска кариера, при што посебно ги акцентираше своите ангажмани за домашните изведувачи, музичари, актери и спортисти, нагласувајќи дека и овој проект Вечер по 8 има за цел да ги слави и истакне македонските културни брендови.
- Луѓето се презаситени од увезени шоу програми од соседството. А зошто ние да не имаме телевизиски проект со кој ќе се гордееме. Ние сакаме да промовираме се што е добро и македонско ама според светски телевизиски стандарди. Имаме големо студио, го имаме најдобриот бенд, кај нас се е во живо, нема враќање... 100% македонска програма во живо, рече Кацаров и откри дека заштитен знак на проектот и во оваа сезона ќе бидат Либеро бенд.
Момците се заблагодарија што се дел од промоцијата на македонската музика и нагласија колку е важно медиумите да бидат поддршка на македонските артисти.
- Со Миро се трудиме да ја вратиме македонската музичка сцена на старите патеки, на врвот, таму каде што припаѓа. И ние како бенд, и вие како новинари, но и еве и со Миро како медиум правиме се да свириме и пееме на македонски. И гледаме дека се повеќе луѓето и на нашите настапи бараат македонска музика, што посебно не радува, рече Иван фронтменот на Либеро бенд.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата