„Толпа луѓе нигде човек, душа празна налик јак, да одам ќе морам, со себе се борам, пат да створам без тебе сам...“ – стиховите со кои започнува „Сам“ ја носат емоцијата на песната, но и приказната за еден музички пресврт, кој отвора нова страница во кариерата на Боби Павловски.
„Сам“ носи поинаков звук и сосема нов стил за Боби Павловски, а зад песната стои внимателно избран тим со кој тој го создава и новиот музички правец.
„Сам е мојата нова песна и воедно еден нов почеток за мене, чекор кон мојот нов македонски албум. Некои песни едноставно не се само песни – во нив останува дел од емоцијата, луѓето и моментите што ги создале. Се надевам дека ќе ја почувствувате онака како што јас ја почувствував додека ја создававме“, вели Боби.
По завршувањето на српскиот музички материјал, Боби најави дека следниот проект ќе биде на македонски јазик, со нови песни и поинаков музички израз. „Сам“ е првата песна од тој проект и вовед во новиот студиски материјал, на кој работи со врвна авторска и продукциска екипа.
Музиката и аранжманот за оваа композиција ги потпишува Роберт Билбилов, текстот е на Кристина Станоески, додека миксот и мастерингот се на Just RB Production. Видеото, пак, е со потписот на Зоран Стојановски – Зонде.
Новиот звук е уште еден показател дека Боби Павловски не престанува да се надградува и да го поместува својот музички израз. Познат како еден од изведувачите кои особено силно звучат во живо, со години ја гради својата препознатливост токму преку настапите и непосредниот контакт со публиката, па не случајно важи за еден од најбараните изведувачи за живи свирки.
Со „Сам“, Боби Павловски влегува во нова музичка фаза – со поинаков звук, нова енергија и јасна насока кон она што следува. Песната е достапна за публиката, а со неа започнува и приказната за неговиот нов македонски студиски материјал.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата