Џала Брат и Буба Корели „растурија“ во Скопје со двата последователни, распродадени концерти и со тоа го означија импресивниот старт на нивната GOAT TOUR. Во атмосфера што ретко се гледа кај нас, арената „Јане Сандански“ две вечери по ред беше исполнета до последното место, а публиката создаде енергија која ќе се памети долго. Интересно е што всушност првиот закажан концерт, одржан синоќа, ќе остане запаметен по рекордната продажба, зашто истиот се распродаде за помалку од една недела, што е јасен показател колку нетрпеливо се очекуваше враќањето на двоецот со голема концертна продукција.
Двете скопски шоуа поминаа во знакот на силна емоција, еуфорија и хорско пеење. Фанови од сите генерации постојано ги пееја најголемите хитови на Џала и Буба, од „Плеши“, „Стари радио“, „Она је“ до новите песни што доминираат на трендинг листите.

Познатиот босанскохерцеговски двоец ја крена атмосферата до точка на вриење со неверојатната енергија, а публиката реагираше моќно и обединето, потврдувајќи зошто веќе со години важат за едни од клучните имиња на регионалната урбана сцена.
Настаните беа организирани и реализирани со потписот на Скајмјузик продукција, која ја подигна визуелната и техничката изведба на ниво достојно на европските арени. По спектакуларниот старт во Скопје, GOAT TOUR продолжува низ Европа, со закажани концерти во Штутгарт, Цирих и Загреб. А стартот на турнејата го донесе токму она што беше најавувано - моќен почеток, громогласна публика и јасна потврда дека музиката на Џала Брат и Буба Корели и понатаму ја гради и обликува современата урбана поп-култура во регионот.

И како се вели, ако денот по утрото се познава, а турнејата според стартот тогаш нема дилема дека ова ќе биде проект на годината. А впрочем и самиот двоец тоа го кажа и на сцената и зад неа.

„Немаме зборови со кои можеме да го опишеме ова што ни се случи овде. Скопје е љубов“, едногласни беа Џала и Буба.


Фото: Music Week – Stefan Rajhl & Din Hodzic
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата