logo
logo
logo

ЖИВОТ ПОЛН СО СЈАЈ, А ТРАГИЧЕН КРАЈ: Трагедијата на божествената Марија Калас

Vecer | 16.09.2026

ЖИВОТ ПОЛН СО СЈАЈ, А ТРАГИЧЕН КРАЈ: Трагедијата на божествената Марија Калас

Марија Калас почина на 53-годишна возраст во Париз, а како официјална причина е наведена срцева слабост, иако обдукција не беше извршена бидејќи телото беше кремирано. Франко Ѕефирели години подоцна тврдеше дека пејачката била убиена и како можна виновничка ја посочи нејзината пијанистка Васо Девеци. Во текстот се наведува дека Васо наводно ги контролирала нејзината преписка и лековите, додека Калас последните години ги мина повлечено и без блиски луѓе.

Тоа беше 16-тиот ден од септември пред точно 49 години кога почина оперската дива Марија Калас. Веста го обиколи светот, а медиумите ја пренесуваа оваа информација под насловот: „Умре оперската дива Марија Калас“. Тоа беше шок, пред сѐ бидејќи Марија имаше само 53 години.

И грчкиот весник „Катимерини“ објави на насловната страница дека „грчката сопранистка Марија Калас, една од најголемите пејачки на сите времиња и најголема во 20 век, почина претходниот ден од срцева слабост во својот стан во Париз“.

Посебно е интересен начинот на кој ги опишуваа нејзините последни моменти.

Според тогашните извештаи, Марија утрото била во својот стан на авенијата „Жорж Мандел“ во Париз. Откако претходно се одморала поради проблеми со низок притисок, тргнала кон бањата, почувствувала силна болка во градите и се струполила. Слугинката ѝ помогнала да се врати во креветот, но веќе било доцна.

Интересно е што денес повеќе не може со потполна сигурност да се каже која била вистинската причина за смртта. Во официјалната умреница е наведен срцев удар, но обдукција не беше извршена бидејќи телото подоцна беше кремирано.

А потоа, четврт век подоцна, италијанскиот режисер Франко Ѕефирели почна да снима филм за неа. Внимателно проучувајќи ги околностите околу нејзината смрт, Ѕефирели се запраша: „Кој ја уби Марија Калас?“

Марија Калас страдаше од неколку здравствени тегоби, но меѓу нив немаше срцеви заболувања. Зошто лекарот, прогласувајќи смрт од срцев удар, сепак не инсистирал на обдукција? Познато е дека пејачката секогаш била против кремацијата. На своите познаници повеќепати им велела дека „не сака еден ден да заврши во рерна“. Дури и сама си купила гробно место! И одеднаш – брза кремација. Најпосле, каде исчезна нејзиниот тестамент, за чие постоење знаеја неколку луѓе?

По анализата на овие и на други факти, Франко дојде до заклучок дека Марија Калас била убиена. Дури го соопшти и името на убиецот. Но пред да го откриеме името на убиецот, да се потсетиме на животот на оваа уметница. Ова е едноставно неопходно за да се разбере зошто најголемата пејачка на дваесеттиот век го помина остатокот од својот живот во потполна изолација и беше беспомошна пред смртната закана.

Мајката

Непосредно пред раѓањето на Марија, нејзините родители го изгубиле својот син единец. Бремената мајка сѐ уште носела црнина и му се молела на Бога новороденчето да биде момче. Кога се родило девојчето, одбивала да го погледне неколку дена. Дотогаш семејството веќе се преселило од Грција во Америка, каде што татко ѝ отворил луксузна аптека на Менхетен.

Мајката не ја сакала својата ќерка и се трудела да поминува што помалку време со неа. И кога Марија ги открила неверојатните вокални способности, ја принудила цел ден да учи во музички училишта, главно што подалеку од неа.

За време на Големата депресија, семејството банкротирало, родителите се развеле, а мајката, заедно со Марија и нејзината постара сестра, се вратила во татковината. Таа продолжила да се однесува кон својата ќерка со лошо прикриена нетрпеливост. А Марија, која постепено станувала сѐ попозната пејачка, сонувала да му се врати на својот татко. Тоа ѝ успеало дури по војната. Збогувајќи се засекогаш од мајка си, заминала за Њујорк. Но таму ја дочекало ново разочарување: нејзиниот татко бил оженет со жена на која веднаш не ѝ се допаднала нејзината паштерка.

Така, Марија Калас остана без родители.

Мажот

Ѓовани Батиста Менегини, богат италијански индустријалец, бил страстен обожавател на операта. Кога првпат ја слушнал Калас како пее на сцената, сфатил дека таа е жената на неговите сни. Менегини бил речиси 30 години постар, но тоа не било пречка за бурна романса. Неговите роднини и пријатели биле против таа љубов; сметале дека Калас е заинтересирана само за капиталот на милионерот. Тогаш тој се откажал од своите 27 фабрики во корист на семејството, со изјавата: „Земете сѐ, мене ми треба само Марија!“ Во 1949 година двојката се венчала во католичка катедрала, иако Калас ѝ припаѓала на Грчката православна црква. А тоа подоцна одиграло многу драматична улога во нејзиниот живот.

Менегини ѝ станал сѐ – татко, маж, љубовник, импресарио. Двајцата сонувале за деца, но совршено ја знаеле вредноста на единствениот глас на Калас, па изборот меѓу семејството и кариерата секогаш се правел во корист на кариерата. Кога двојката конечно одлучила да има потомство, таа веќе имала над 30 години, а тој ‒ над 60. Марија одеднаш помислила дека е премногу доцно да размислува за раѓање, а Менегини не се обидел да ја убеди. И набрзо во животот на Марија се случило нешто што ја лишило од мажот и му дало сосема нов тек на нејзиниот живот.

Љубовникот

Во септември 1957 година, на бал во Венеција, Калас го запознала својот сонародник, милијардерот Аристотел Оназис. А кога некое време подоцна лекарите ѝ препорачале морски воздух, па Гркот ги поканил сопружниците да престојуваат на неговата луксузна јахта „Кристина“, поканата била прифатена со благодарност.

На бродот се собрало угледно друштво – Винстон Черчил, Гари Купер, војвотката од Кент... И тогаш, опкружена со ова високо општество, пред очите на својот маж, Калас започнува луда афера со сопственикот на јахтата. Цели вечери Аристотел и Марија танцувале во музичката сала, а подоцна воделе љубов во кабината на Оназис.

Репутацијата на грчкиот милијардер, искрено, не била совршена. Бил познат како страстен и незаситен љубовник кој често ги менувал жените. Но Марија го гледала само него и била глува за гласините. Го напуштила сопругот и се преселила во Париз, поблиску до Оназис. Престанала да се интересира за својата кариера, па профитабилни договори еден по друг ѝ пропаѓале. Покрај тоа, целосно ги занемарила проблемите со грлото, кои почнале да напредуваат.

Гркот бил искрено заљубен во Марија. Својата сакана ја опсипувал со подароци. Дури и се развел од својата жена Тина, со намера да се ожени со Марија. Но се појавила неочекувана пречка: Католичката црква го забранила бракот бидејќи Менегини не сакал да се разведе од Марија... Морала да чека. Нека биде една година, нека бидат пет години. Ако навистина сакаш, зарем тоа е важно?

Во 1966 година Калас останала бремена. Реакцијата на Оназис била неочекувана и лоша: абортус! Таа имала 43 години и сфатила: ова е нејзината последна шанса да стане мајка. Но исто така сфатила дека е соочена со избор: или детето или Оназис. Поради болеста речиси го изгубила гласот, а сега морала да го изгуби и бебето.

И Марија донела одлука – абортирала. А буквално неколку дена подоцна, во нејзината куќа дошол гласник од нејзиниот сакан Аристотел и ѝ соопштил: Гркот штотуку се оженил со Жаклин Кенеди, вдовицата на убиениот американски претседател. Ова била поразителна вест. Сепак, Марија смогнала сила мирно да му каже на гласникот: „Запомни ги моите зборови. Боговите ќе бидат праведни. Постои повисока правда во светот“.

Така Калас изгуби сѐ.

Набрзо по овие настани, синот на Оназис загина во сообраќајна несреќа. До крајот на својот живот (од кој не остана уште многу) милијардерот никогаш не се опорави од оваа тага. А набрзо по неговата смрт, неговата ќерка Кристина почина од предозирање со дрога.

Пијанистката

Во последните години од својот живот, големата пејачка водеше повлечен живот. Со денови во потполна тишина скиташе низ напуштените соби или читаше книги лежејќи на софата. Социјалниот круг на Марија го сочинуваа слугинката, шоферот и неколку музичари со кои работеше претходно. Еднаш, откако добро размисли, токму нив ги спомена во својот тестамент. 10 милиони долари би можеле да ги усреќат овие љубезни луѓе.

А во нејзиниот живот беше и пијанистката Васо Девеци. Се испостави дека била исклучително лојална жена и всушност ја презела улогата и на гувернанта и на личност од доверба. Васо знаела внимателно да слуша, знаела да утеши во моменти на тешка депресија. Одговарала на писмата упатени до Марија и се јавувала на телефон. Ја следела секојдневната рутина на својата пријателка. Ѝ давала лекови на секој час. Како што минувало времето, Калас сѐ повеќе се врзувала за неа.

Како можела да знае дека Васо, која себеси се сметала за голема пијанистка, а неправедно повредена од судбината, со години ѝ завидувала на Марија Калас и тајно ја мразела? И дека не можела да ѝ прости што Марија ја споменала во тестаментот рамноправно меѓу останатите? Дали можела да замисли дека драгата Васо, преземајќи ги нејзината преписка и телефонските разговори, постепено го отсекува од неа и она мало преостанато друштво од пријатели? Како само можела да претпостави дека секоја чаша лек содржи силни седативи и апчиња за спиење кои постепено му штетат на телото? И дека на крајот таа доза ќе се покаже како смртоносна...

Еве кој ја уби Марија Калас

Според Ѕефирели, токму Васо била таа што инсистирала да не се врши обдукција по смртта на Калас. Барала итна кремација. А својата упорност ја мотивирала со фактот дека самата пејачка, очекувајќи ја скоро смртта, ја известила за тоа. Потоа пијанистката го украла тестаментот, парите во готовина и некои вредни работи.

Дали претпоставката на Ѕефирели е точна или не, најверојатно никогаш нема да дознаеме. Васо не живееше многу подолго од Марија и немаше време да го искористи тестаментот. Се испостави дека Калас била во право: боговите се праведни.

Нејзините 10 милиони со судска одлука беа поделени меѓу двајца многу стари луѓе – нејзината мајка и нејзиниот маж Менегини. На аукција беа продадени личните работи на Марија – накитот, облеката. Отидоа за голема сума – повеќе од милион и пол долари. Меѓу тие работи беше и крзното што Оназис ѝ го подарил откако таа се согласила на абортусот...

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk